На англиски и кај нас насловен како „Момчето и чапјата“, најновиот и веројатно последен анимиран филм на култниот Хајао Мијазаки (82) во оригинал всушност се вика „Како живеете?“, според роман од 1937 на Гензабуро Јошино. Книгата следи 15-годишно момче во момент кога тоа прв пат се соочува со големите прашања на животот и универзумот - смртта, духовниот раст и искуството на тоа да се биде човек.
Филмот на Мијазаки не е директна адаптација на книгата, но содржи слични елементи. Во него момче по име Махито („Искрениот“), се враќа на село по смртта на мајка си во пожар во текот на Пацифичката војна (1943), открива напуштена кула близу новиот дом и преку неа влегува во фантастичен подземен свет.
„Знам дека е лага“, вели Махито кога суштество во вид на чапја му ветува дека може да ја врати мајка му од мртвите. „Но морам да проверам“. Ова од една страна ја одразува ирационалната надеж која грчевито се фаќа и за најсувото гранче на (не)можното, дури и кога станува збор за нешто толку одредено и неповратно како смртта на близок. Но од друга страна тоа е реченица-манифест на самиот филм и на создавањето приказни воопшто. Дека за да се разбере фантастичното, треба да му се даде шанса и да се биде отворен дури и за најбизарните наративи кое тоа ќе ги понуди. Да, тие се формално „лажни“, но фактот дека нивната моќ ја чувствуваме дури и физички - како гравитациска сила која нè држи на столчето во кино салата цели два часа или како забрзано чукање на срцето секогаш кога херојот ќе наиде на опасност - прави од нив големи вистини.
Мијазаки и претходно нè воведувал во вакви светови. Но во овој филм како да се надминал себеси, можеби не толку во приказната колку во визуелна смисла за што секако се најзаслужни цртачите, кои за својот труд го добија и Оскарот за анимиран филм - прв во 21 година кој се доделува на рачно работена анимација. После првата третина телата почнуваат да се топат како пача, папагали како лоши чичковци напаѓаат во јата кои се толку уверливи што се фаќате како си го криете лицето со високо кренати раце, а во подземјето живеат „варавари“ (во македонскиот превод збунувачки наведувани како ВАРВАРИ), што на јапонски означува нешта кои се во постојано движење, палави и врескачки, токму како деца кои чекаат да бидат „родени“ со тоа што ќе испливаат од Долната во Горната Земја.
Како во класична бајка, Махито мора да ги надмине стравовите и тагата за да си даде шанса и тој да исплива „горе“, помеѓу луѓето а не помеѓу чудовиштата и мртвите. Голема улога во приказната има вујкото, кој ја претставува генетската линија со мајката и како таков оди контра „логиката“ на патријархалното општество, како јапонското, кое дава предност на роднините по таткова линија. Со тоа Мијазаки уште еднаш, како и во претходни филмови, го потенцира влијанието на загубата на сопствената мајка и емоционалната врска со неа која е истовремено и длабоко лична, но и архетипска.
И ова не е единствената загуба која служи како основа за катарзичната приказна. Исао Такахата, ко-основач на студиото Гибли и постојан соработник на Мијазаки почина во 2018. Иако во нивната соработка имало и кризи, таа траела цели 55 години - факт кој сигурно оставил белег врз ова дело, особено во поглед на свесноста за минливоста и прифаќањето на тоа дека нештата имаат крај.
Во древен Рим крикот на чапјата најавувал некаква промена. Во Египет птицата била поврзувана со создавањето и повторното раѓање и можеби ја инспирирала легендата за фениксот. Јапонскиот фолклор ја смета чапјата за божествена птица која може да се движи низ три елементи: воздух, вода и земја. Световите низ кои таа го води Махито (малку како птица, малку како гном кој наликува на Рампелстилскин) се состои од многу повеќе од само три елементи или нивоа. Едно е јасно - оној свет во потсвеста кој е изграден врз темели на гробови, односно врз спомените на мртвите, секогаш ќе постои. Работата е човек од него да излезе во едно парче, за да можат спокојно да продолжат да живеат и тој, и мртвите.
Илина, Букбокс