Букбокс гледаше: „Јас сум Селин“ (2024)

Настапот на Селин Дион на отворањето на Олимписките игри беше брилијантен сам по себе. Но тој добива на уште поголема тежина ако се знае (и ако со свои очи се види) како изгледала предиграта на овој голем настан, со оглед на нејзината борба со реткиот невролошки синдром, кој погодува 1 на милион луѓе. Овој документарец го овозможува тоа, со надеж дека ќе ја зголеми свеста за ваквите нарушувања и кај оние што не можат да си ја дозволат најдобрата нега на светот. 

Селин Дион на оние кои и не се баш по ваквиот тип музика до сега им асоцираше главно на едно нешто - песната од „Титаник“ и спотот со сцената од бродскиот прамец, eден од најдобро продаваните синглови на сите времиња. За оние малку поупатените, исто така и на победа на Евровизија, пет Греми награди, повеќегодишни резидентни настапи во Лас Вегас, 200 милиони продадени албуми. Од приватниот живот, на 13 браќа и сестри и на сега починат сопруг кој ѝ беше и менаџер од тинејџерска возраст. 

Сето ова е покриено во новиот Амазон прајм документарец за една од последните диви од стар ков на поп музиката. Сепак, овие елементи се само позадина за главниот животен предизвик со кој таа се соочува во последниве неколку години - реткото невролошко нарушување наречено „синдром на здрвен човек“ (ЅРЅ, Stiff Person Syndrom). Станува збор за автоимуно заболување кое предизвикува кочење на мускулатурата и болни грчеви, а главно ги погодува пациентите на возраст од 40-50 години. Како и во случајот со Селин, можат да поминат години додека се дојде до дијагнозата, бидејќи синдромот е всушност спектар на пореметувања кои можат да бидат асоцирани и со други болести. Нападите со текот на времето се засилуваат и стануваат подолготрајни, а лек нема. 

Синдромот е страшен за кого и да е, а кога е во прашање музичка ѕвезда тој речиси сигурно значи крај на кариерата. Не само поради непредвидливоста на спазмите, туку и затоа што грлото - инструментот на секој пејач - е исто така составено од мускули. Селин го опишува ова отуѓување од сопствениот идентитет на изведувач, забавувач и уметник, со солзи во очите присеќавајќи се на своите „златни денови“. Сепак, во истите тие очи има одлучност, дека конечно ќе ја соопшти вистината за дотогашното откажување на концертите, со ветување до фановите и до себеси, дека „ако не може да оди, тогаш ќе лази“, односно дека нема намера да се откаже од пеење. 

Човек не може да не сочувствува со сцените фатени на камера кои покажуваат како изгледа еден таков напад. Во тек на редовна физиотерапија прво почнуваат да ѝ се грчат прстите, а потоа и целото тело. Потоа веќе не може ни да зборува туку само м'мка. Мускулите толку се стегаат што откако кризата ќе помине, Селин има неколку скршени ребра. После некое време влегува во студио и се обидува од милион обиди да сними песна. И покрај сета фрустрација, барем од она што го гледаме на екранот, останува смирена и успева да ја изведе песната онака како што треба. 

Она што фрла мала сенка врз целата приказна е фактот дека за овој синдром почна да се зборува само откако од него почна да страда една од најголемите светски музички ѕвезди, чија болка - иако разбирлива - е ништовна во однос на оние кои не можат да си дозволат ни фиоки со милион пара меки чорапи, ни личен возач, ни масер, ни екипа доктори достапни 24/7. Видовме солзи за тоа дека таа не може веќе да ги постигне „високите ноти“, но ништо за емпатија со други луѓе во слична ситуација, донирани фондови за истражување на болеста, можеби средба пред камера со некој со иста дијагноза и споделување искуства, што би го променил фокусот на приказната кон поширока општествена свест за неа. Наместо тоа, посетуваме огромен магацин со скапи костими, ја гледаме како на постари снимки стои пред преполн ормар со чевли велејќи дека „нема што да облече“, а за да не биде без ич, гледаме како таа и синовите снимаат видео за поддршка за нивниот батлер, кој во моментот на снимањето е болен од Ковид. 

Штета што авторите на филмот не почекале уште некој месец, за во него да го вметнат настапот на Селин на отворањето на Олимпијадата (а можеби и на затворањето?). Затоа што нејзе сепак мора да ѝ се признае - дека е борец, чиј глас и покрај сите предизвици се уште е на прамецот на поп музиката.

Илина, Букбокс

30 јули 2024 - 10:33