Алберт Нобс (драма, 2011)
Алберт е всушност жена - тој триесет години живее како машко, и работи како келнер во еден хотел во Ирска. Неговата одлука има врска со трауматичното минато, но и со околностите во 19-вековна Ирска. Запознавајќи еден молер кој излегува дека е исто така жена, и дознавајќи дека тој успеал да биде дури и во брак, Алберт исто така посакува да се ожени, и со заштедените пари да отвори свој бизнис. Но работите не излегуваат баш како што планира..
Глен Клоуз е одлична во главната улога, а филмот генерално ни легна. Нè потсети на судбината на некогашните балкански „вирџини" - девојчиња кои заради немање машки пород во семејството се заветуваат дека ќе живеат како мажи, чувајќи ја оваа тајна целиот живот.
Режисер е Родриго Гарсија, а сценариото е направено врз основа на краток расказ на ирскиот писател Џорџ Мур.