Пишува: Самоил Петрески (Гоблин)
Секогаш кога ќе помислам на генијален дизајн за друштвена игра, тоа не е некој познат бестселер од типот на Catan или Ticket to Ride, ниту пак на некоја комплицирана или грандиозна адванс стратегија како Terraforming Mars, Wingspan или Dune Imperium.
Кога некој ќе ме праша: „Ти како дизајнер на друштвени игри, може ли да ми објасниш како тоа се смислува игра и што ја прави да биде интересна и посебна, да ми препорачаш некоја игра со супер дизајн?“, прва игра која ми паѓа на памет е – The Mind (Умот).
Она што според мене ја прави оваа игра толку генијална и специфична е нејзината едноставност! Како е можно само со еден шпил карти да се направи игра која е толку забавна, возбудлива и интересна за сите, а правилата се објаснуваат во помалку од пет минути?!
Играта, која е дизајнирана од Волфганг Варш во 2018 година, навистина се состои од само еден шпил карти обележани со броеви од 1 до 100. Толку.
Играта е кооперативна, сите играат заедно со една цел - успешно да ги поминат нивоата зададени од играта. Доколку не успеат да поминат некое, „губат живот“, а во текот на играта може да искористат и џокер. Секој играч на почетокот добива по една карта која не смее да ја покаже на другите играчи. Потоа играчите треба на средина на масата да ги наредат картите кои ги добиле по редослед од најмала до најголема, но без воопшто да разговараат меѓу себе! На почеток ќе ви се чини дека се работи за среќа, но кога малку ќе навлезете во играта ќе забележите дека навистина почнувате да им ги читате мислите на другите играчи и дека не случајно играта се вика The Mind
Доколку успеете да ги наредите картите по редослед, го поминувате првото ниво, картите се мешаат, а во второто сите играчи добиваат по две карти наместо по една. Така се оди по ред и секое следно ниво играчите добиваат по една карта повеќе, со што и играта станува многу потешка. Доколку не успеете да ги наредите картите по редослед губите живот и се обидувате повторно. Доколку „заглавите“ и сметате дека е многу тешко, во даден момент од играта може да употребите џокер, при што секој играч ја покажува најмалата карта што ја има во рака и така се олеснува редењето по редослед на тоа ниво.
Уште еден одличен момент во играта е тоа дека не е ни важно колку играчи ја играат. Секако, според правилата тоа треба да бидат 2-4, но правилата не се ригидни и едноставно ако седнат и повеќе луѓе сигурно ќе си поминат супер и покрај тоа што веројатно ќе им биде малку потешко да ги поминуваат нивоата. Флексибилноста и едноставноста ја прави уште попристапна за секаква публика, па оваа игра може да ја играат и деца и старци, и секој помеѓу...
Но, најголемо изненадување со кое ќе се соочите е галамата која се прави со игра во која нема зборување!
The Mind има освоено еден куп награди и признанија и за мене е класичен пример за генијален дизајн и уживање во едноставноста, доказ дека не секогаш игрите мора да се комплицирани и со безброј елементи, фигури, коцки, за да бидат интересни и забавни.