пишува: Иван Јакимовски
Поимот „оханами“ (お花見) на јапонски означува набљудување цветови. Традицијата потекнува уште од осмиот век, од периодот Нара, кога јапонското кралско семејство уживало во цветовите од слива. Денес почесто се набљудуваат црешови цветови, наречени „сакура“, кои имаат голема симболика во јапонската уметност и култура.
„Оханами“ – излезена во 2019 година – истовремено е име на едноставна игра со карти за 2 до 4 играчи. Во нејзиниот тек, играчите составуваат зен градини преку селектирање различни карти по број и по боја. Оној со „најубавата“ зен градина, односно таква која носи најмногу бодови, победува.
Пакетчето со играта е мало и лесно се носи на пат. Тоа се состои од шпил со 120 карти, означени со бројки од 1-120, тефтерче со шаблон за бодување и упатство со правила. Партија може да се одигра дури и на голем одмор или пауза од работа, во рок од 15 минути.
Играта функционира слично на редењето карти по број во Пасијанс (позната и како „Солитер“) со мали разлики. Целта на играчите е да ја состават најдобрата зен градина, а тоа значи да ги подредуваат картите по бројчан редослед, така за во идеален случај ниту една бројка да не е прескокната. Секоја рунда тие добиваат по 10 карти, бираат по 2 од нив и одлучуваат дали ќе ги стават во својата градина или ќе ги фрлат во неактивното купче. Секој смее да составува до 3 градини, во најмногу 3 колони, кои се видливи за другите играчи.
На почетокот, откако ќе одбере 2 карти од 10-те, играчот останатите карти ги подава на соседот. Таквата размена (земам две, другите ги подавам) трае до трошење на сите 10 карти. Ова значи дека во секој момент сите играчи имаат парен број карти в рака. Во првата и во третата рунда картите кружат во насока на стрелките на часовникот, а во втората обратно.
Освен број, секоја карта има и боја и тоа розева, зелена, сина, сива. На крајот на секоја рунда се бодуваат градините според боите на картите. Во првата се вреднуваат сините (водата), потоа сините и зелените (растенијата), и на крај сите. Розевите – црешовите цветови – се највредни.
Така картите кружат додека не се потрошат. Потоа се започнува нова рунда, и така додека не заврши третата. Играта е прилично едноставна, нели?
Точно, но има едно важно правило. Картите кои ги додаваме во нашите колони мора да бидат повисоки од највисоката или пониски од најниската карта во низата. Така на пример, не смеам да ставам 77 над 81, ниту пак да ја вметнам 77 меѓу 81 и 63. Колоквијално, ова големо растојание меѓу бројките се нарекува „мртво поле“, бидејќи е неигриво. Тоа останува такво до крајот на играта - токму затоа секој треба да се биде внимателен и да се бираат карти кои ќе бидат блиски едни до други за да се одигра една успешна партија.
Таа не е само забавна, туку и привлечна. Ова својство е сeприсутно низ Јапонија – она кое е корисно, кое ни задоволува одредена желба, треба да биде убаво на лик. Подарокот треба да биде убаво спакуван, а јадењето треба да те погледне и да рече „изеди ме“.
„Оханами“ е медитативна игра токму поради својата компактност во физичка смисла, но и во однос на правилата. Таа учи на методичност и на соединување со природата. Црешовите цветови се симбол на годишните времиња и на тоа како ние (како луѓе) треба да бидеме подготвени за минливоста. „Оханами“ брзо стана една од моите омилени игри и се надевам дека и вие ќе уживате во неа.