пишува: Стефан Милошевиќ
Правилата за „Флејмкрафт“ одат некако вака: низ градот имаме поставено 6 почетни продавници со нивните 6 змејчиња чиј тип одговара на продавницата. Наша задача е да ги испраќаме змејчињата по продавниците и да ги собираме потребните состојки (кои се достапни во центарот на гратчето) за да направиме некоја магија или да исполниме некоја од нив одејќи во продавницата која одговара со типот на магијата и земајќи ги поените (престижност) што таа ги дава. Играта завршува кога ќе се открие последното змејче од паркот или последната магија од центарот на градот.
Во оваа игра имаме 6 ресурси ако (не ги броиме златниците): железо, растение, лепче, кристал, месо, волшебен напиток и исто толку типови на змејчиња. Секој тип можеме да го активираме кога ќе влеземе во некоја од продавниците (пекарските змејчиња ни дозволуваат да повлечеме друго змејче од градот, кристалните змејчиња ни даваат плус 3 ресурси по наш избор што ги нема во продавницата итн.)
Кога една продавница ќе се наполни со максимален број од 3 змејчиња, на крајот од кругот се отвара нова продавница до неа или било каде кадешто има место во градот за неа. Овие продавници за разлика од првичните 6 можат да имаат бонус акција што би помогнале дополнително. Ваквата механика ѝ дава на играта чувство на каскадни акции и кулминација, каде што од ситуација на собирање ресурси и змејчиња на почетокот се стигнува до врзување на бројни акции, кои со добра стратегија може да донесат доста поени (престижност).
Компонентите и изгледот на самата игра на масата се феноменални (поготово ако ги имате подобрите компоненти од делукс пакетот). Од разнобојните цртежи на картите со змејчињата кои му даваат на секое змејче некој карактер, големите плочи за продавниците полни со вешто нацртана околина, до самиот град кој не е картонска плоча како што би нашле во други игри туку е материјална ролка која се одмотува за поставување на играта. Целата графика е нацртана од добро познатата графичка дизајнерка на фановите на ДНД и стрипови, Сандара Танг.
Флејмкрафт е една од тие игри кои навидум изгледаат доста едноставна и плитка (поради едноставните правила) но во текот на играта буквално се отвара неверојатен свет на магија. Мене лично ми е играна со 3, 4 и 5 играчи и е одлична (а има и неверојатно балансиран соло модул) и е една од тие игри што секој може да ја разбере и да се внесе во неа. Така што, добредојдовте во малото гратче на Флејмкрафт да зготвиме некоја магија и да му помогнеме на “Cookies” (едно од пекарските змејчиња) да го спреми неговото пециво на време.
Претходно од Стефан: Осврт за „Кутна хора“