пишува: Стефан Милошевиќ
Времето е 10-тиот век а локацијата мало манастирско гратче во срцето на Чешка. Популацијата ја сочинуваат неколку монаси, кои го одржуваат манастирот и си го тераат својот мирен живот како и безбројните генерации пред нив. Сè додека, според легендите, еден од монасите работејќи низ дворот не забележал нешто светкаво како „ѕирка” од земјата. Денес, градот Кутна Хора е дом на над 22.000 жители со развиено рударство за сребро, со доста развиена економија, каде што може да се најдат објекти со најубавите готички архитектури на тие предели.
Токму ова е приказната на оваа тн. „Еуро игра“ од средна тежина каде играчите кои се дел од одредени престижни семејства преку шест акции откупуваат земјиште, добиваат права за градење, ги градат објектите, го развиваат рударството, добиваат приход врз основа на нивното лично развивање и учествуваат во градење на вистинската и позната катедрала во градот, Света Барбара. Сето ова се изведува со играње на двострани карти кои можат да предизвикаат добра дилема околу тоа дали се преземани вистинските акции.
Генијалното во оваа игра е што покрај тоа што постојат шест ресурси (јаглен, сребро, дозвола, дрво, месо и пиво) не постојат токени кои ги претставуваат, туку тие се конвертираат во пари (вистинската валута на Грошени) и обратно. Исто така овој систем е и основата на главната интеракција меѓу играчите каде што влегува во „игра” живата економија (колку повеќе згради се градат се покачува производството и опаѓа вредноста на ресурсите, но исто така колку повеќе се развиваат рудниците популацијата се зголемува, како и побарувачката на ресурси чија вредност во тој случај расте).
Покрај тоа мал дел од целиот систем дозволува и врзување на повеќе помали акции (посебно кога се гради објект) кое секогаш им е добредојдено на љубителите на “по-crunchy” искуство во нивните игри (борд-гејмерски сленг за тоа да не кршиш премногу глава околу секоја одлука). Иако може да изгледа доста застрашувачки на маса, гејмплејот помеѓу акции е доста брз и економично распределен, иако целата игра може да потрае доста долго (по 40 минути од играч.)
Дизајнот е преубав и изобилува со светкави сребрени елементи (задржувајќи ја тематиката). Ова исто така е и првата друштвена игра која користи рециклирано дрво наречено re-wood, што овозможува доста детали на дрвените елементи на куќичките и маркерите.
Муабетот вели дека друштвените еуро игри се бездушни, „суви”, со тематиката поставена врз механика само поради уметноста на елементите, каде што играчите имаат должност само да се поместуваат траки. Долго време тоа и беше вистина. Кутна Хора е големо освежување кое излегува од тие стереотипи за еуро игри. Тематиката е доста присутна со вистински објекти и настани инкорпорирани во самото искуство на играње. Иако не е совршена во секоја смисла, мое мислење е дека секој љубител на потешки еуро игри треба да учествува во изградба на преубавите објекти на овој прекрасен град, да ги испрља рацете барајќи сребро по ниските ридови кои ја опкружуваат Кутна Хора.. и да се напие една кригла пиво, се разбира.