пишува: Стефан Милошевиќ
„Реилроуд инк“ работи врз основа на стариот и многу добро познат механизам на „roll and write“, или креирање на нешто според непредвидливиот исход на коцките. Правилата се многу едноставни и брзи за објаснување. Секој играч добива лист со празна мрежа на чии ивици се поставени по 3 влезови/излези на патишта и железници. Со вртењето на коцки на чии страни има по некое парче пат/пруги или раскрсница, наша задача е да поврземе што е можно повеќе влезови и излези низ низ градот. Притоа треба да се фокусираме на тоа да немаме неисполнети завршетоци (кои носат негативни поени) и да пуштиме што е можно повеќе конекции низ центарот на градот, сè со цел да ја направиме најоптималната мрежа (со надеж дека ќе функционира подобро од транспортниот систем на нашиот мил главен град).
Основната игра доаѓа со 6 подлоги што значи дека можат да ја играат и до 6 играчи, како и 4 бели коцки кои ги сочинуваат сите типови на основи парчиња пат, кривини и раскрници. Од овие 4 коцки во текот на едно фрлање сите играчи треба да ги искористат сите коцки, што може да поттикне доста размислување за стратегија и за поставување на нови конекции, надевајќи се дека истите нема да завршат без спојување.
Поени на крај носат најдолгата непрекината линија на пат и пруга, бројот на поврзани влезови и излези, бројот на патишта кои поминуваат низ центарот на мрежата (полиња во големина од 9x9 во центарот на листот) итн. Оној што освоил најмногу поени е најдобриот инженер на патишта.. или само може да се фали дека победил во играта.
Реилроуд Инк има верзии во повеќе теми (бои), кои ги содржат основните компоненти, но и мини експанзија од 4 коцки со кои може да се додаваат одредени елементи за поинтересно искуство. На пример, плавата содржи екстра коцки за реки и езера во која покрај патиштата создаваме најдолга река и најголемо езеро по број на полиња. Црвената содржи коцки со лава и метеор кои придонесуваат за хаос (метеорите бришат веќе воспоставени патишта, а лавата спречува ширење на патиштата) за што треба да се најде решение, зелената додава шуми кои функционираат слично на езерата во плавата и трекинг патеки за искусните планинари итн.
Од смеењето поради лошо нацртаните патишта, лесните правила, брзата игра и механиката која бара убаво да се размислат најефективните потези, сето ова ја „исцртува” Реилроуд инк како незаборавно искуство кое секој обожавател на друштвени игри треба да го доживее. Магијата на начинот на функционирање на тематиката е во тоа што по теорија можат да ја играат многу поголем број на играчи се додека ја испринтаат шемата врз која ќе се црта транспортната мрежа која ни ја даваат коцките парче по парче. Затоа загрејте ги моливчињата и маркерите и фатете се за работа поставувајќи ги темелите на секој модерен град, патиштата и железниците.
Кратко видео за тоа како изгледа играта на самиот почеток:
Претходно од Стефан: Осврти за „Флејмкрафт“ и за „Кутна хора“