Георги Лозанов (1926-2012) е познат како „татко на забрзаното учење“. Бил бугарски психијатар и едукатор, основоположник на „сугестологијата“ - збир методи на учење, првично наменети за совладување странски јазици. Целата теорија е базирана на идејата дека побрзо и поефикасно се учи во релаксирана, позитивно настроена околина. Ова се постигнува со комбинирање елементи на сугестија, опуштање и музика.
Како што се наведува на официјалниот сајт на Фондацијата Георги Лозанов, човечкиот потенцијал за учење е огромен, доколку околината е стимулативна, но под еден услов - ништо да не се прави на сила, а знаењето да се употребува за похуман свет.
Има голем број клучни зборови или тагови поврзани со оваа теорија, меѓу кои и „хипермнезија“ - необична моќ на помнење, типично под екстремни услови, како хипноза. Сепак, Лозанов не предвидувал ниту хипноза ниту користење на какви и да е хемиски средства за подобрување на мозочната активност, туку сакал да ги поттикне потсвесните механизми кои се активираат од физичката или општествената средина. Потоа информациите се апсорбирани од несвесниот ум пред свесно да се изразат. Неговите техники на релаксација се инспирирани од јога, од надворешна и од автосугестија, која користи говор, интонација, ритам и музика.
Кај последново, Лозанов особено се потпирал на барокната музика, бидејќи сметал дека нејзиното темпо од околу 60 удари во минута е идеална за смирена атмосфера за учење (како во оние јутјуб видеа со вакви наслови). Верувал дека таа може да ги синхронизира мозочните бранови, да иницира опуштање и со тоа да го направи мозокот поподготвен за учење.
Иако сугестологијата е позитивно оценета поради нејзиниот иновативен пристап, таа се има соочено и со критики поради недостаток на научни докази за нејзината продуктивност. Сепак, треба да се земе предвид и тоа дека во времето на нејзиното создавање (1970-тите) постои силен судир помеѓу „западните“ и „источните“ идеологии, кои секако се имаат замешано и во оценувањето на теориите кои произлегувале од едната односно од другата средина.