ЉУБОВНА
Јосиф Бродски
1
Кога би се давела, јас би ти бил спасот,
во ќебе би те завиткал и чајче би ти дал.
Кога би бил шериф, би те турил во апсот
и во ќелија би те држел без да ми е жал.
2
Ако птица би била, звучките би ги мутирал
за саноќ да го слушам сал гласот твој мил.
Да сум офицер, веднаш би те регрутирал,
и сигурно е дека ќе уживаш во мојот дрил.
3
Кинескиња ако си, јазикот ќе го учам со полет,
ќе се облечам како мандарин и ќе гледам косо.
Огледало ако си, ќе јурнам во женскиот тоалет
и ќе те карминисам а и ќе ти го исекнам носот.
4
Ако вулкани обожуваш, ќе еруптирам без мана,
како лава радосно пред тебе ќе се разголувам.
Ако си ми сопруга, јас љубовник ќе ти станам
бидејќи нашата Црква развод не ни дозволува.
(препев Љупчо Бочваров)