Британски математичар доби награда од 3 милиони долари за откритија кои „можеби му ги диктирале вонземјани“

Веројатно кажано на шала, тоа дека на сега славниот математичар теориите му биле диктирани од повисока интелигенција е тврдење на негов колега. На кого сигурно дополнително му се стемнило кога слушнал за „дебелото“ признание.

Станува збор за едно од неколкуте признанија кои oд 2013 ги доделува фондација воспоставена од израелско-рускиот инвеститор Јури Милнер, Марк Закерберг и неговата сопруга Присила Чан. Се викаат Breakthrough prizes, а се однесуваат на три полиња: фундаментална физика, природни науки и математика. Најнов добитник од последново поле е Мартин Херер, австриско-британски истражувач, за куп равенки од областа на стохастичката анализа. За нив негов колега изјавил дека сигурно му биле диктирани од некое вонземско суштество со супериорна интелигенција, со оглед на тоа што до сега на ниту еден човек не му успеало да ги одгатне и претстави на разбирлив начин.

Херер е истражувач од Империјалниот колеџ во Лондон, а финансискиот дел од наградата која сега ја добива е 3 милиони долари. Ова признание, од моментот кога е воспоставено, во 2013, станува конкурент на Нобелот во смисла на престиж, а богами и на пари. Тој го добива истото за својата работа на стохастичка анализа, област која се занимава со математичко моделирање на случајни процеси во природата и во општеството - од паѓање на капка вода врз салфета и начинот на која таа се шири, до раст на шумски пожар, ширење на зарази, резултати на гласање на избори, генерирање кластери на јавни мислења и сл. Неговото главно дело објавено во 2013 е трактат на 180 страници, вовед во светот на „структури на регуларност“ (regularity structures). 

Добитникот, кој сега живее под кирија во Лондон, растел во Женева, каде се истакнал како редок талент во повеќе области. Проект со кој се пријавил на школски натпревар по наука подоцна станал Амадеус, „швајцарското ноже на звучната монтажа“, програма која сега се користи во развиена форма од страна на бројни музички продуценти и дизајнери на игрици. Откако почнал да студира физика се префрлил на математика, бидејќи сфатил дека идеите во теоретската физика брзо можат да се побијат. Во математиката, како што самиот вели, ако добиеш одреден резултат, тоа е тоа, „откриваш апсолутни вистини“ кои никој не може да ги спори ни три, ни триесет години подоцна.

Колегата кој веројатно на шега излезе со тврдењето за вонземјаните и нивното диктирање на теоријата се вика Џереми Кастел од Универзитетот во Торонто. А можеби само покажал љубомора, која сега дефинитивно (и не толку стохастички) е зголемена.

извор

11 септември 2020 - 10:38