Констанс Гарнет (моминско Блек), ќерка на полициски иследник, работела како дадилка пред да стане библиотекарка во лондонскиот Ист Енд. Нејзината сестра Клементина, писателка и активистка, ја запознала Констанс со Едвард Гарнет, човекот кој ќе стане нејзин маж во 1889. Едвард работел како уредник во издавачка куќа, и бил од аристократска книжевна фамилија. Неговиот татко бил задолжен за чување на печатените материјали во Британскиот музеј.
На преминот од 19 во 20 век во Британија немало многу луѓе што зборувале руски, но заради политичката криза во руската империја имало голем број револуционери во егзил. Предлогот Гарнет да почне да преведува руска литература дошол од еден од нив. Констанс во тој момент не знаела ни збор од овој јазик, но најверојатно била заљубена во Феликс Волковски, „лошо момче“ со брада кое избегало од затвор во Сибир и се доселило во Лондон. Токму тој бил мотивот Гарнет да почне со оваа пионерска работа.
Волковски бил дел од заедница на политички мислители и писатели, уредник во Слободен руски печат, емигрантско списание и издавачка куќа основана од Александар Херцен, „таткото на рускиот социјализам“. Едвард Гарнет често канел луѓе од оваа сцена да минуваат викенди во семејната куќа. При една таква средба, Волкловски ѝ подарил руски речник и граматика на Констанс и предложил таа да почне да го учи јазикот.
Кога еден период бил затворена дома заради комплицирана бременост, Гарнет почнала со еден од нејзините први преводи - „Царството Бојже е со тебе“, верски и филозофски трактат од Лав Толстој. Продолжила со преведување на над 70 томови руска литература, вклучително и речиси сè што имал напишано Толстој, потоа дела на Чехов, целиот Достоевски, и нејзиниот омилен Тургењев. Во 1894, таа и заминала за Русија и во текот на тримесечната посета било и во Јасна Пољана, имотот на Толстој.
Една друга британска преведувачка, Клара Бел, објавила нејзина верзија на „Вoјна и мир“ во 1886, но тој бил од втора рака, од француски превод. Истата година излегол и американски превод на „Ана Каренина“ на Нејтан Хаскел Дол. Но верзиите на Гарнет биле почитливи а заради нејзините блиски врски со издавачките куќи биле печатени поевтино и оттаму, заради пониската цена, попродавани. Во 1905, според напис во книжевното списание Saturday Review, токму благодарение на овие преводи, Толстој веќе бил многу познато име помеѓу тамошната публика.
За сето тоа време Гарнет продолжила со речиси аскетскиот живот, занимавајќи се со домаќинството, воспитување деца и преведување. Како што се сеќава Д. Х. Лоренс, нејзин пријател, таа ќе завршела со превод на една страница, ја фрлала на подот без да ја крене главата и продолжувала со нова. Купот на крајот од денот бил до колената.
До крајот на животот имала многу лошо здравје, чести мигрени и проблеми со ’рбетот и нозете. Најлошо било што едвај гледала, а на залезот на преведувачката кариера била речиси слепа. Но останала вредно предадена на работата, најмувајќи асистент кој ѝ читал гласно од руски додека таа го запишувала преводот.
Секако, од денешна гледна точка нејзините преводи не се совршени. Според еден од нејзините најостри критичари, Набоков, преводите биле „суви и површни“, а оној на „Ана Каренина“ „комплетна катастрофа“. Сепак, изданијата на Гарнет долго време важеле за стандарди според кои се оценувале сите следни превод на руска книжевност на англиски.