Роберт Џ. Ханлон од Скрантон, Пенсилванија бил „обичен“ човек, во смисла на тоа дека не бил филозоф или писател (бил програмер). Но останал запомнет по својот придонес со изреки кон книгата „Марфиев закон, книга втора: уште повеќе причини зошто нештата тргнуваат на лошо“ (1980). Една од нив гласи - „Никогаш не припишувај злоба на нешто што адекватно се објаснува со глупост“.
Авторството на ова „правило“ е спорно, бидејќи сличен цитат се среќава во роман на извесен Роберт А. Хајнлајн, „Логика на империјата“ од 1941, па некои сметаат дека „Ханлон“ е само погрешно запишано име на овој автор. Сепак, варијации на идејата се среќаваат и кај Гете, во „Страдањата на младиот Вертер“, кадешто гласи: „Недоразбирањата и летаргијата веројатно произведуваат повеќе лоши нешта во светот отколку измамата и злобата. Барем последните две се секако поретки“. Понекогаш сличен цитат му се припишува на Наполеон, а биограф на Черчил цитирајќи негова преписка со кралот Џорџ Шести во којашто Винстон пишува за Шарл де Гол: „Неговaта дрскост е вкоренета повеќе во глупост, отколку во злоба“.
Без оглед на авторството, стандардното толкување на ова правило е дека најчесто причините зошто некој (поединец или институција) ни прави штета или ни изгледа дека лошо се однесува кон нас, не лежат во мотивација тоа да ни го стори токму нам, и токму на тој начин, туку затоа што е просто - глуп. Исто како и Окамовиот брич (под број 5 на линкот) и овој ја зема како вистинита наједноставната претпоставка која подразбира минимално вложување енергија и ресурси, било тие да се физички или ментални.
Сепак, особено доколку сме имале лоши животни искуства во кои некој реално ни мислел и ни направил зло, можно е понатаму да ја бараме ваквата шема насекаде, дури и таму каде што таа не постои. Оваа блага (или и не толку блага) параноја е засилена од медиумите, политиката и јавното мислење кои форсираат таков наратив („не бе, намерно е“), и бараат докази за злоба и таму кадешто нив ги нема. Ова има ефект на драстично намалување на довербата и кон другите луѓе и кон институциите.
Некои критичари на принципот сметаат дека тој е наивен и дека ја релативизира реалната злоба која постои во луѓето и во светот. Затоа неговата примена би требало да се проценува во контекст, земајќи ги предвид сите факти и претходни искуства.