Во раните утрински часови во мај 1749, Габриел Емили ле Тонелие де Бретеј, попозната како Маркизата од Шатле, била наведната над својата работна маса, полна со книги и мерни инструменти кои се прелевале и низ остатокот од просторијата. Прстите ѝ биле црни од мастило, но тоа не ѝ било важно - ниту планирала да оди некаде, ниту пак некој доаѓал во нејзината голема куќа. Она на што работела подолго време бил превод од латински на француски на 510-те страници на „Математичките принципи на природната филозофија“, ремек-делото на Њутн кое предизвикало револуција во научниот свет и го иницирало европското просветителство. Но она што почнало како основен превод се претворило во детално коментирање, што се покажало потешко од очекуваното, дури и за некој толку образован колку Шатле.
Маркизата биле преморена. Со своите 42 години таа била и шест месеци трудна со четвртото дете. Таткото на детето не бил нејзин сопруг, туку многу помлад љубовник, поет-војник по име Жан Франсоа де Сен-Ламбер. Станувала околу 9 и работела до три попладне, кога си дозволувала едночасовна пауза за кафе. Потоа продолжувала со работа и не запирала до 10 навечер, кога вечерала сама. Околу полноќ повторно почнувала да пишува, за да се фрли во кревет околу 5 наутро. Неколку месеци живеела со три или четири часа сон.
Како што бременоста напредувала, така маркизата сфаќала дека нема многу време пред моментот кога ќе мора целосно да му се посвети на новороденчето. Нејзината напорна работа се исплатела - во првите три денови од септември го завршила планираното дело. На 4 септември родила ќерка. Но шест денови подоцна, де Шатле била мртва.
Книгата којашто ја пишувала останала непозната до 1759, кога заради појавата на Халеевата комета го поттикнала интересот за Њутновата механика, па менторот на Шатле решил да ја објави. До денес, тоа е единствениот целосен превод на Principia на француски. Она што е уште пострашно е што Шатле останала запомнета во француската историја само како љубовница и соработинчка на еден значаен маж, Волтер, со кого имала страсна и долга врска.
Оваа неправда во 2007 се обиде да ја исправи историчарката Џудит П. Зинсер (Judith P. Zinsser) во нејзината книга „Емили де Шатле: генијот на просветителството“. Во неа таа открива и други таленти на оваа жена со аристократско потекло, која до крај ги искористила привилегиите за образование кои ги имала - уште како девојка рецитирала цели пасуси од класичната литература, била вешта музичарка и убаво пеела. Но сепак најголема возбуда ѝ предизвикувале математиката и науката.
Поради тоа што била жена не можела ниту да влезе во Француската академија на науки, ниту пак да им се придружи на високите кругови филозофи и математичари. До одредена возраст дури и се обидувала да ги исполни социјалните очекувања - на 19 години се омажила со единаесет години постар маркиз на кого му родила три деца, одела на концерти и уживала во убавата париска храна. Но на 26 тоа ѝ здодеало. Во своите мемоари напишала: „Кога се соочив со цената на времето и краткоста на животот, почнав да се прашувам дали екстремното внимание кое им го посветувам на моите заби и коса вреди за тоа што на таа сметка си го запоставувам умот?“
Наскоро се навратила на интелектуалната возбуда на нејзините тинејџерски откритија и ангажирала еден од најдобрите научници од тоа време да ѝ биде тутор. Изборот на Волтер за љубовник сеирџиите го сметале за необичен, со оглед на тоа што бил од пониска класа. Но и тоа сигурно не било случајно, затоа што на маркизата веројатно повеќе ѝ бил потребен соговорник отколку некаков трофеен дечко. Заедно со него учествувала во годишниот натпревар на Академијата, и летото 1737 не победила, но сепак станала првата жена чиј текст бил објавен од Академијата.
Потфатот со преводот на Њутн требало да биде нејзиното животно дело. На крај навистина така и излегло. Откако се запознала со новиот љубовник и останала бремена со него, знаела дека освен скандал тоа може да ја чини и многу повеќе. Кога се пораѓала во близина биле сите нејзини мажи - сопругот, Волтер (со кого претходно се скарала затоа што тој почнал врска со сопствената внука), и таткото на бебето, кои се зближиле во грижата за нејзиното здравје. Но иако пораѓањето поминало релативно лесно, по неколку дена работата се влошила, најверојатно како резултат на емболија во белите дробови. Маркизата починала загушувајќи се. Кога дошле докторите го нашле Сен-Ламбер парализиран од шок, маркизот де Шатле закован за столче, а Волтер како неконтролирано липа.
Осумнаесет месеци подоцна умрело и новороденото девојче. Со дозвола на кралот, мајката и ќерката биле закопани заедно, во гроб кој до скоро бил обележан само со празна мермерна плоча.