Брајан Кренстон ќе го игра „пророкот“ Хауард Бил во театар

Некако ни е лесно да го замислиме некогашниот Хајзенберг од Брејкинг бед во улогата на полудениот телевизиски водител од антологискиот „Мрежа“ од 1976. А уште повеќе современа верзија на истиот текст. Всушност, и нема многу потреба од осовременување, сè си е кажано.

„Гневен сум, и нема веќе да го трпам ова!“ - вака гласеше реплика од „Мрежа“ (за кого детално пишувавме тука), прогласен за еден од дваесете најдобри цитати на сите времиња од страна на Американскиот филмски институт.

Кога на неа ќе се надоврзат и други од денешен аспект пророчки реченици од филмот, како „Знаеме дека демократијата е џин на умирање, болен политички концепт кој се распаѓа“ или „Единствената вистина што ја знаете ви доаѓа преку оваа катодна цевка - во моментов има цела генерација која не знае за ништо друго освен она што ѝ се сервира на овој начин“, се добива инстант реалистична драма која ја опишува и оваа, 2017. Без катодна цевка, но со монитор.

Сега во Националниот театар во Лондон ќе се подготвува нова сценска адаптација на оваа мрачна сатира. Режисерот е Ајво ван Хове, ланскиот добитник на наградата Тони за оживувањето на бродвејската претстава „Поглед од мостот“. Адаптацијата на сценариот на Пади Чаефски ќе ja направи сценаристот на филмскиот хит „Били Елиот“. А главната улога на гневниот Хауард Бил ќе ја игра Брајан Кренстон попознат како Хајзенберг од „Брејкинг бед“. Премиерата се планира за ноември оваа година.

Да видиме како се вклопуваат во едно овие два антологиски ликови:

 

31 јануари 2017 - 08:56