8 јануари е роденден на Боуви, кој го славеше на ист ден со кралот на рокенролот Елвис. Истовремено, 8 јануари е роденденот на Рој Бети, ликот од филмот на Ридли Скот „Блејд Ранер", генетски модифицирани репликант, кој бил „ставен во погон" на овој датум.Случајност? Не баш, вели коментаторот на Салон.
„Блејд Ранер" е базиран на романот на Филип К. Дик од 1968, „Дали андроидите сонуваат електрични овци?". Според него до 2021 сите животински видови ќе бидат истребени, богатите ќе се преселат на Марс, а она малку живо што ќе остане на Земјата ќе стане сопственост на корпорацијата Тајрел, во чии раце е полицијата, и производството на андроиди кои се „почовечки од луѓето". Овие репликанти не се роботи, туку биолошки машини, кои тешко се разликуваат од нивните човечки модели.
Неколку години пред овој роман да биде преточен во славниот филм, во 1976 Боуви го снима „Човекот кој падна на Земјата", кој ја раскажува приказната за вонземјанин преправен во човек чијашто планета е пред уништување. Дали сценаристот на Блејд Ранер намерно го вметнал неговиот роденден во филмот, по принципот „кој сфати-сфати"? И дали е ова сублиминална порака која поврзува не два, туку три лика во еден, при што третиот е кралот на рокенролот?
Во 1960 за потребите на филм којшто го снимал тогаш Елвис прави песна - „Блек стар". Оригиналната снимка стоела складирана некаде до 1990, преименувана во „Огнена ѕвезда", веројатно за да не звучи преморбидно. А текстот има таков тон:
„Секој човек има црна ѕвезда
Црна ѕвезда на рамото
И кога човек ќе си ја види неговата црна ѕвезда
Знае дека неговото време е дојдено"
Боуви бил фан на Елвис, па сосема е можно симболот на црната ѕвезда да е преземен од него, иако стиховите на истоимената песна се разликуваат. Но атмосферата на смртта и минливоста е иста.
Во еден пак од најпознатите монолози во филмската историја, токму оној на Рој од „Блејд Ранер", тој - репликантот, којшто знае дека ќе умре бидејќи сите тие се направени да се самоуништат по четири години употреба („69 е новото 4“ сега би рекол некој) - вели: „Сум видел работи за коишто вие луѓето не би ми поверувале...Сите тие мигови ќе бидат загубени во времето, како солзи на дождот. Време е да се умре." Токму она што ни го вели и Боуви преку албумот не епитаф, туку послание до нас, обичните смртници, кои можеби никогаш нема да сфатиме некои вистини кои ги дознале овие ликови.