„Боно филантропот не е ништо друго туку побратим на банкарите и неоконзервативците" - вака почнува текстот во Гардијан, чиј повод е неодамна објавената книга на Хари Браун, „Фронтмен: Боно, во името на моќта". Книгата ја раскринкува наводната хуманитарна мисија на Боно на планетава. Наместо филантроп, авторот на книгата го нарекува пејачот на У2 адвокат на западната елита, кој агресивно ги промовира неолибералните решенија во Африка, има мултинационални бизнис интереси, се дружи со Пол Волфовиц и е приврзаник на шок-доктрината на економистот Џефри Сакс. Ако Боно е амбасадор на нешто, тогаш е на империјалистичката експлоатација и на неправичноста.
Не е необично, вели Иглтон, што Боно и Боб Гелдоф, двајцата селебрити филантропи на нашето време, се Ирци. Ирска, богобојажлива христијанска нација, има и долга мисионерска традиција. Самиот Боно бил член на молитвена група во седумдесетите, пред да налета на кожните пантолани и темните наочари. Расфрлени низ светот заради гладта и домашното насилство, Ирците историски се космополити. Боно пак припаѓа на новата, кул, посто-политичка Ирска, која сега преку него е загрижена за другите онеправдани и гладни, на пример за оние од Африка. Но дури и дома неговиот стил не наидува на одобрување. Во една, можеби измислена приказна од книгата, пејачот стои на сцена аплаудирајќи и вели: „На секое мое ракоплескање, едно дете умира". „Тогаш престани да го правиш тоа, да те ебам", довикнал некој од публиката.
Но што е посоодветно за политичар од рок ѕвезда во доба на манипулирани слики и чувства? Од една страна, Боно може да се претстави како аутсајдер од политичката арена, но од друга страна неговата слава на музичар значи дека има милиони следбеници. Тоа го прави интересен за политичкиот естаблишмент кој радо би го коптирал. И тоа го прави во секој можен момент, а Боно не покажува баш некоја резерва.
Иглтон, а и Браун во книгата, најмногу му замераат на Боно што од нечија глад се обидува да создаде некаков „шик" концепт. Али Хјусон, жената на Боно, во еден момент фалејќи ја работата на дизајнерите од нејзината компанија за облека базирана во Париз, изјавила дека „облеката изгледа како да била носена претходно, и некако крпена..за да го инкорпорира континтентот". И нејзиниот месијански настроен сопруг со години се обидува да ја вклучи Африка во неговиот имиџ, и исто како и Гелдоф, ја има наследено општествената свесност на 1960-тите без политичкиот радикализам, елемент кој очигледно е прилично соодветен за тој да изигрува фронтмен на неолибералите.
Мултимилионерски инвеститор, одбегнувач на даноци од светски ранг, другар на Буш и Блер и побратим на банкарите и неоконзервативците, Боно е дел од оние глобални сили кои се виновни за она што тој (наводно) сака да го искорени. Брехт има расказ за крал од Истокот кој чувствувал голема болка заради страдањето во светот. Ги собрал сите мудри луѓе на едно место и ги замолил да ја испитаат работата. Мудреците го сториле тоа. И се вратиле со вести дека причина за страдањето во светот е - кралот.