Аудио снимка од пред 50 години, направена на 8 септември 1969, содржи муабети помеѓу членовите на Битлси по снимањето на „Ејби Роуд“, нивниот последен албум, во очекување на неговата официјална промоција. Ринго е во болница, каде минува низ тестови за некакви стомачни болки. Во негово отсуство, Џон, Пол и Џорџ се собираат во седиштето на Епл на Савил Роу. Џон има донесено преносен касетофон, го пушта да снима и вели: „Ринго, не можеш да бидеш тука, па ова е за да можеш да слушнеш што дискутираме“.
Она што следи се планови за правење на друг албум, и веројатно и сингл кој би се објавил тој Божик, комерцијална стратегија која датира од најраните денови на бендот. И во ова има две изненадувања - прво, тоа што тие очигледно не се убедени дека Ејби Роуд е нивно последно заедничко дело (како што сите мислевме дека мислеле). И второ, дека Ленон не бил оној кој ги растурил, туку дека напротив се обидувал тие да продолжат да работат, и тоа по нова формула - сите да придонесат со авторски песни, четири од Пол, Џорџ и од него, а две од Ринго, „ако сака“.
Следува суптилно кошкање помеѓу Пол и Џорџ (Пол - „До овој албум мислев дека песните на Џорџ не се толку добри; Џорџ - „Тоа е работа на вкус, луѓето ги сакаат моите песни“). Џон пак сугерира дека ако некој напише песна што на другите не им се допаѓа, тогаш таа не мора да оди на заедничкиот албум, туку може да се даде на некој надворешен за кого би се проценило дека е добар кандидат (спомната е велшката фолк пејачка Мери Хопкин).
Сето ова, и многу повеќе во врска со распаѓањето на највлијателниот поп бенд во историјата, е дел од „Хорнси Роуд“, театарска претстава во која Левисон користи аудио снимки, филм, фотографии и нови аудио миксови на музика комбинирани со огромен фонд анегдоти и артефакти за да ја раскаже приказната за Ејби Роуд, финалниот излив на колективната креативност. А името на претставата е всушност постоечка локација, која требало да биде место на снимање на албумот, доколку ЕМИ не се предомислила за претворање на пропаднато кино во мрачен дел од северен Лондон во студио.
Авторот вели дека низ претставата ќе се обиде да ги раскаже приказните зад секоја од песните и за луѓето кои ги направиле, особено за она низ што тие минувале во време на создавањето на албумот. А минувале низ многу нешта: Пол се оженил со Линда Истман, Џон и Јоко се сликале во кревет за мир, бракот на Џорџ со Пети Бојд се распаѓал, а сите се занимавале и со други проекти. Џон и Јоко ги однеле двете деца, Кјоко и Џулијан на сентиментално патување низ детските предели на Џон, за да завршат со колата во некој дол одбегнувајќи друг автомобил. Епстајн, нивниот менаџер, умрел претходната година а идеализмот околу формирањето на Епл почнал да бледнее. Земајќи ги сите овие елементи предвид, шоуто ветува дека никој потоа нема да го слуша „Ејби Роад“ на истиот начин како до сега.
Премиерата е закажана за 18 септември а на турнеја ќе биде до 4 декември.