„Валкана работа: клучните работни места и скриената цена на нееднаквоста во Америка“ на новинарот Ејал Прес е нова книга која ги истражува приказните на оние кои ги работат „валканите“ работи. Тие се такви не затоа што се законски недозволени, туку затоа што се стигматизирани како „долни“ и недостоинствени, затоа што буквално имаат работа со ѓубре, во физичка или морална смисла.
Прес интервјуирал луѓе кои имаат навистина истоштувачки професии, за кои општеството смета дека се корисни, но за кои ретко зборува јавно. Тие се спомнуваат само кога нештата ќе тргнат наопаку, па кога на пример се дискутира нехуманиот третман на затворениците често токму затворските чувари се оние кои биваат обвинувани, а не системот како таков.
Пандемијата привлече внимание кон професиите кои се „клучни“, како здравствените работници или оние во синџирот на производството и дистрибуцијата на основни потреби, како храна. Но постои уште поскриена класа работници, кои и физички и емоционално ја плаќаат цената на она со што се занимаваат.
Помеѓу интервјуата кои ги има направено Прес за книгата има такви со оператори на дронови кои се влучени во борба на далечина, што вклучува графичко насилство, бомбардирање села, и сведочење на сето тоа на начин којшто не би бил можен доколку станува збор за војник на терен. Иако се смета дека ова е како играње видео игрица и создава „плејстешн менталитет“ во однос на убивањето, многумина од оние кои се занимаваат со оваа работа искусуваат тага и депресија. Една од причините е што ја нема солидарноста на тоа да се биде дел од колектив, да се бранат животите на другите војници - операторите (наречени и „џојстик воини“) после работниот ден влегуваат во своите автомобили, возат сами до дома, и се враќаат во општество кое главно не е свесно ниту дека се води војна во негово име, ниту како се прави тоа.
Други интервјуа вклучуваат здравствен работник за ментално здравје кој работи во затвор во Флорида; имигранти кои ги чистат „подовите за убивање“ во индустриските кланици; чуварите во најнасилните затвори во САД. Сите тие страдаат од психолошки и емоционални проблеми, како стигма и срам. Нивните приказни авторот ги става во поширок контекст на „метаболизмот на модерниот свет“, кој во голема мерка живее на „валкана“ енергија и „валкана“ технологија, чиишто последици се всушност некои од спомнатите работни места. Тие, иако се во сенка, всушност го овозможуваат постоењето на таквиот - валкан - систем.