Биди како ирвас

Ирвасите јадат и спијат истовремено, штедејќи си го скапоценото време во текот на краткото арктичко лето. Ние имаме долго и топло лето, ама комбинацијата на јадење и спиење пак ни дава повеќе време за - јадење.

Ирвасите на Дедо Мраз пред и по празниците се одмараат за да можат да ја прелетаат земјината топка во една единствена ноќ. Но суровата арктичка зима значи дека нивните нелетачки роднини мораат исто така да собираат сили за сезоната. Во текот на краткото северно лето, ирвасите постојано пасат, складирајќи резерви сало за мрачните месеци кога и светлината и храната се достапни во мали количества. Всушност, ирвасите минуваат толку време во јадење во текот на летото, што имаат многу малку време за што и да е друго - вклучително и спиење.

Невронаучникот Мелани Фурер од Универзитетот во Цирих и нејзините колеги се сомневале дека ирвасите едноставно спијат помалку во текот на летото а потоа надоместуваат во текот на зимата. Но излегло дека не е така. Наместо тоа, ирвасите спијат исто онолку колку и во текот на целата година, дури и кога треба да се фокусираат на јадење во топлите месеци. За да го постигнат ова имаат посебна стратегија, а тоа е ем да дремат ем да јадат. 

Со следење на мозочната активност на ирвасите, Фурер и колегите сфатиле дека ирвасите спијат додека стоечки (или седечки) си ја џвакаат тревата. Резултатите се објавени минатата недела во списанието Current Biology. И ова не е истиот начин на кој спијат луѓето. Ирвасите и другите преживари се хранат со растенија кои се состојат од целулоза, која не можат да ја сварат без некаков вид работа. Тие брзо ја голтаат храната, а потоа ја префрлуваат напред-назад помеѓу стомакот и устата, каде корисни микроорганизми помагаат во варењето. Овој бавен процес му овозможува на ирвасот да ги апсорбира сите хранливи состојки, но новата студија покажува уште нешто - дека повторливиот процес на преживањето ја овозможува менталната дремка. 

Додека ирвасите преживаат, нивните мозочни бранови се слични со оние во текот на РЕМ фазата на спиењето. Во таква ситуација тие седат или стојат мирно и не реагираат на надворешни дразби. Кога друг елен се движи до нив, тие реагирале во 45% од случаите кога биле будни, но само 25% кога преживале и 5% додека биле целосно заспани. Неверојатната адаптација која тие ја развиле за животот на Арктикот помага да се објасни зошто се подготвени за својата уникатна улога кога ќе дојдат празниците. 

извор

25 декември 2023 - 09:18