Во 1986, во подножјето на Шпанските скали во Рим беше отворен МекДоналдс. Инвазијата на евтина американска брза храна во срцето на Рим предизвика сензација. Еден од оние кои протестираше, Карло Петрини, новинар од левицата, иницираше движење наречено Бавна храна. Негова цел беше промоција на локално oдгледувани производи, но и уживање во автентичните италијански вкусови. Вo доцните 1990-ти оваа идеја се прелеа во Cittaslow или Бавни градови, дел од поширокото Бавно (или забавено) движење.
Норвешкиот филозоф Гуторм Флоистад го опиша ова движење на следниов начин:
Единствено нешто што е сигурно е дека сè се менува. Доколку сакате да бидете во тек, всушност треба да убрзате. Сепак корисно е да се потсетиме дека нашите основни потребни никогаш не се менуваат. Потребата да се биде виден и ценет! Потребата да се припаѓа. Потребите за близина и грижа, и за малку љубов! Ова се постигнува само преку бавност во човечките односи. За да можеме да живееме со промените, мора да ја обновиме бавноста, размислувањето и заедништвото. Таму ќе ја најдеме вистинската обнова.
На прв поглед, инсистирајќи на бавност, Бавното движење изгледа конзервативно, со оглед на тоа што оди контра современото, улаво темпо наметнато од технократското општество кое уште во 1992 беше наречено „технополис“. Сепак, вистинската цел е зачувувањето а не конзервирањето, и тоа во повеќе области, од архитектура до земјоделство. Во тој контекст, Винченцо Ди Никола, професор по психијатрија на Универзитетот во Монтреал, го објави својот Манифест за бавно мислење, базиран на централната идеја на францускиот филозоф Алан Бадју за „настан“ (event), кога нешто тотално неочекувано во секојдневието случајно ќе ни отвори нови можности.
Трите услова за нешто да биде дефинирано како „настан“ во оваа смисла се 1) дека нешто ни се случува нам, 2) дека го препознаваме и именуваме тоа што ни се случило, и 3) дека понатаму се однесуваме во склад со тој настан. На овој начин според Бадју ние преминуваме од пасивни објекти во активни субјекти на сопствените животи.
Ова е списокот на она што според него се седумте столба на Бавната мисла:
1. Бавната мисла е можна преку прошетки во стилот на Сократ, средби лице во лице во стилот на Левинас, и дијалози како оние промовирани од Бахтин
Се работи за тројца филозофи кои споделуваат методолошки сличен пристап кон филозофските загатки. Мислењето го сметаат за активност која е овозможена преку движење на отворено и непречен разговор со други луѓе кои се подготвени исто така бавно да мислат и да зборуваат.
2. Бавната мисла создава свое време и место
Отфрлање на временските ограничувања на 24-часовниот циклус вести и глупи видео клипчињата од по 30 секунди. Асинхроно мислење кое е определено од бавната логика на мислата, како филозофска дебата, а не хронолошко редење настани, кои често се вулгарни или тотално небитни за големата слика.
3. Бавната мисла нема друг објект освен самата себе
Мислењето, како и животот, никогаш не е целосно, тоа е можност која никогаш не се исцрпува
4. Бавната мисла е порозна
„Порозна“ значи дека не е определена од постоечки категории, отворена е за непредвидливото, овозможувајќи спонтано прилагодување на идеите во текот на процесот.
5. Бавната мисла е игрива
Правилата на „сериозното“ мислење тука можат и треба да бидат прекршувани. Тоа да не биде оптоварување чија цел е извлекување заклучоци, туку како и играта, да биде интермецо, одмор, акробација со зборови, исчекор од рутината во повисок вид на постоење. Откаченост, но не и глупост. Размисла пред убеденост, и јасност пред какво и да е дејство.
6. Бавната мисла е контра-метод, а не метод, затоа што ја релаксира и ослободува мислата од ограничувањата и траумата на традицијата
Тука авторот прави разлика помеѓу филозофи кои отвараат можности за мисла и живот и анти-филозофи, такви на траумата и амбисот, кои затвораат можности. Но има и трета група, тн. методолози, мислители кои ни нудат нови алатки за мислење и тешко се категоризираат во претходните две групи. Кај нив не е толку важно што кажуваат, туку процесот низ кои доаѓаат до своите заклучоци, кој може да се преслика како рецепт за мислење на каква и да е тема. Такви според него се Ниче, Витгенштајн и Дерида.
7. Бавната мисла е внимателна и се формулира без брзање
Ова било клучното обвинување на Сократ кон софистите. Додека овие ги обучувале Атињаните на реторика која најмногу служела за одбрана, Сократ зборувал бавно и смислено, дури и со снебивање, и не бил способен да се одбрани од обвинувањата за расипување на атинската младина. Онаа што пресуди во негова корист и го одбрани е историјата.
Подетално за секоја од точките тука