„Батанија“, или поезија што се пее

Во сите заслужени фалби за албумот на Крсте некако ни недостасува една, која заедно со мелемот од глас и мерачката музика би го заокружила добитниот емотивен трилинг - текстовите на песните.

Знаете што е „ешта"? А „дифтици“ и „кутлуци“? Ако не сте од Битола веројатно не знаете ни што е „цаур". Текстовите на Крсте тежат од архаизми, но не се тука за да предизвикаат вештачко чувство на автентичност, туку навистина мирисаат на влажна визба, на невестински сандак, на креденец во кој до скоро се чувале дуњи.  

Признавам, кога првпат го видов насловот на една од песните (Никар Низијан) мислев дека се работи за некакво чудовиште со три глави од Баиро, братучед на Икар, тој што имаше чурук к’смет. И не би ме зачудило такво суштество навистина да постои, кое помирено со билансот и балансот на својата судбина, кротко спие во овие стихови, ко стуткано во јамболија. Сè додека го слуша гласот на Крсте, нему (а и нам) не ни треба Диазепам.

БАТАНИЈА

Мариовска батанија, осолзена, окрвавена
Долг пат ми поминала, од Груниште до Петта Авенија
На каучот здиплена, да мечтае, да сонува
Прикаски да прислушкува, за стравови, смрт, гнев, измама
Митровденски мириси, плитки отисоци, од рацете што ја ткаеле
Од слики од разделба
Шарена шамија, замаглени очила и клепки со гурелки
Афионови катрани, низ вените волнени, за раните отворени
И слики од разделба
Шарена шамија, замаглени очила и клепки со гурелки
Те оставив расплакана, уплашена, поднасмеана
На усната растреперена, трошки од леб, цвет од камилица

КАДИФЕ

Ветерот те исчешла, баба ти те облече
Во везено фустанче, Македонско девојче
(Со) Букет мрсни соништа и страв од промаја
Од ешта заробена, во шарена одаја
Знам дека сакаш да изгледаш градски
Во crème со cafe бои кадифе
Низ Баирски чикмаци, пагански празници
Мириси на багреми, лазарки разиграни
Зад чаршафи спрострени, јас и ти далдисани
Сами, предвидливи, ко пијани стројници
До дрва исцепени, прегратки нексладни,
Прсти в коси испреплетени

САНТА ТЕРЕЗА

Дај научи ме да разликувам бои
Самотија од копнеж, бисери од грозје
И не копај ми по срцево калдрми
Аквадукт во мисли, со жолт трамвај, гаврани
Кога играш ти, не знам дали си,
Македонка ил Кариока во галичка носија
Ајде кажи ми, Македонка си ил Кариока во селска носија
Илузија, кога играш ти
Васе побегна во Солун, Митра со дете враци
Јана готви јагне од две мајки задоено
А пак Вида се крие од тој зајак со чалма, од тој волк со долама
Само ти остана будна во сонот од Санта Тереза
Сардисана од капуера и морски духови
Јас пак насмеан и беден, роден сум со чурук к'смет
Пораснат со ајвар и волнени чорапи
Волнени чорапи, за Бадник сплетени

МАДОНА

Лицето го вртиш, велиш заминуваш ти
А како да го скротам јатово од птици?
Клунови и нокти во градиве ме гребат
И наместо крици, молски песни пеат.
Дали е ова обичен ден? Дали е ова обичен ден?
Цела наша љубов на рацеве ја цртав
Кормило, срце, ПВО, сирени
Во ортоми ме врза, без малку да се трудиш
Штиклите ги вадиш, зад бакалот се губиш
Дали е ова обичен ден? Дали е ова обичен ден?
И дали ке се вратиш, ил само ке ме памтиш во ѓаволска пиета?
Кирилица ми збориш, латиница пак глумиш, провинциска мадона
Ке пречкртам молња, зарови, кентаур
Ќе престанам да сум Маџар-маалски цаур
За твоите усни ко загорени зелници
Под шпртото носе со флеки од црници
Дали е ова обичен ден? Дали е ова обичен ден?

КРЕДЕНЕЦ

Три недели не ме раздени
Од празни меани, клише кошмари
Во црно-бели тажни филмови,
Мртви гулаби сред суви бунари
Три беази, две палканаклии
Ти ги подарив, кротки, аздисани
Оти си сме бендисани,
А ти ги затвори во темни креденци
Срцето ти е ко глуви гробници
Ладни темници во стари креденци
А над креденци миленце естетики
И бели дивтици, за чеиз собирани
А над дифтици исчадени икони
Од Ристосови маченици

НИКАР НИЗИАН (НИ ЌАР НИ ЗИЈАН)

Никар - низиан, се враќам јас
Животен круг, квадратен сон
Пред тебе стојам со пеплосан дух
Ко спатија кец под купа адут
Не можам да прозборам
Ни топлина, болка, да осетам
Закопај ги с'клетите, проголтај ги горчините
Пречекај ме со адетите
Овената седиш, византиска ноќ
Со залутан поглед, црковен молк
Ко Самуилов војник пред Асамати
Ти допирам лице, дали си ти?
Не го носиш ни ланчето
Од филигран сребро исковано
Прегрни ме, притисни ме
Искрши ми ги коските, исфрли ме кај тополите
Ти донесов либе белегзија
Од Детроит, ептен погодена
Да носиш под црната кошула
Дур жалиш за љубов изгубена

БИТОЛА

Битола, прва љубов си моја
Наивна, валкана и блудна
Во визбата твојте фустани ги чувам
Со гласови од авети се борам
Уште сум каков што ме памтиш
Истуткан ко Дај-Дам-ски бакшиш
Немирен и осамен јас скитам
По кутлуци без гулаби спијам
И сакам да те прегрнам, да заплачам, да прегорам
И љубов, гнев, радост, омраза, од липите да истресам
И авлии да прерипам, и катанци да отклучам
И масарки да разлетам, од ендеци да излезам
Помислив писмо да ти пратам
Ред или два, реков да те прашам
Дал венееш ил трепериш од среќа
што заминав преку Црна Река?
Знам не можеш рамнодушна да си
Те препознав низ сокаци празни
Во Токио, Мемфис, Варанаси
Се насмевна низ ишарети тажни

КРК КАРДАШ

Топол бран од Јени маало, темен крст кај Крк Кардаш
Длабок здив и морници на твојто тело
Ладна пот, несоница, Мариовска тресеница
А од надвор благи звуци
Ѓупска свадба комшивска кавга
Тука сакам да сум јас, стопен в твојте скутови
Со песни од Бадев. Жобим, Сариевски
И дури заспивам, чуден сон да сонувам
Како леташ па паѓаш под океан
Меѓу корали, темјан, сончоглед
Тука сакам да сум јас, стопен в твојте скутови
Со песни од Бадев. Јобим, Манчевски
И дури заспивам, страшен сон да сонувам
Како леташ па паѓаш под океан
До плаценти од твојте браќа, сестри
Топол бран од Јени маало, темен крст кај Крк Кардаш
Длабок здив и морници на твојто тело
Ладна пот, несоница, Мариовска тресеница
А низ прозор, далеку се гледа
Пелистер, о прекрасен

ДИАЗЕПАМ

На Петровден му рече збогум, во вторник пак го пречека
Убав, дотеран, со сите мастрафи
Те однесе на места нови, без терсене табиети
Без свадби, торти, манџи, имендени
Не ми бил принц од бајка, нит крај на страшна приказна
(туку) Иљач во таблета, тајна чудесна
Се разбуди во соба стара, на кревет од лубеници
Сред мачни работи, незавршени
Дете на грб, тенџере на меф, бат Персо има и во тоа кеф
Ор лекја ор гра, се вари бајитселф.

ТЕЗГА

Зелени очи, зеници раширени
Срмени коси, гради набабрени
На пазарските тезги, распостелени
Августовски ноќи, презреани
И дали сонуваш, и дали паметиш
На наште бакнежи, на твојте зборови?
Тивко ти ми рече, сега сум посвршена
За едно младо, лично ергенче
Морав да се скријам, да заборавам
Чаршија да скротам, да се предадам
(На) Племенски стравови и стари гревови
Од баби подарени, од мајка задоени

Еве што поубаво од нас му напиша Трендо на Крсте по првото слушање на „Батаниа“ - не знаеш дали е поубав „освртот“ или албумот:

Mногу убав албум си направил друже. Мерак скротен со усул. Преубаво сплетени приказни. Полни со кадри со документаристичка уверливост а сепак останале лични, полни со мириси и звуци. А и тоа американските комити кои ти се во четата, голема работа завршиле. Тоа гитарата во Батанија, кога ќе удри дур кога чекаш мол, како сонце кога ќе влезе низ џамот во кујна. Баш, баш добро.

Иако целото парче звучи како органска целина, ако баш мора да се одвои нешто за во временска капсула, јас би ја ставил Креденец. А ако малку од малку се збие тоа капсулата па се направи место, ете ги нив таму и Битола, Крк кардаш и Диазепам. Па кога пакетчето конечно ќе стигне до некоја разбрана цивилизација, да сме сигурни дека ако доаѓаат, ќе дојдат со локум и свежо мелено кафе.

Биди ми добар,

Т. 

Жобим, кога би бил Битолчанец:

2 ноември 2015 - 18:47