Барајќи ја Дуња Јунис: заборавената либанска пејачка од албум на Брајан Ино и Дејвид Брн

Целата приказна личи на онаа од документарецот „Барајќи го Шугармен“. Во семпл искористен на албумот „Мојот живот во шумата со духови“ од 1981 се појавува глас на девојка која никогаш не го дознала овој факт, и покрај тоа што Ино и Брн коректно ги надоместиле авторските права на издавачот. 41 година подоцна работата се исправа.

Пред граѓанската војна од 1975, Бејрут бил уметнички центар на арапскиот свет, со особено развиена фолклорна сцена. Тука Дуња Јунис била ѕвезда во подем, појавувајќи се во мјузикли и соработувајќи со тогаш главните ликови на либанската музика. Денес на либанското радио сè уште се пушта нејзиниот најголем хит, за пиењето утринско кафе со комшиите.

Јунис подоцна стана позната и вон Блискиот Исток. Поточно, тој бил „воскреснат“ на еден од најзначајните експериментални албуми од 1980-тите, „Мојот живот во шумата со духови“ на Брајан Ино и Дејвид Брн. Ино дошол во контакт со нејзиниот глас кога во продавница во Лондон купил примерок од „Музика на исламскиот свет 1, човечки гласови“, прва компилација од серија објавена во 1976 составена од двајца музиколози. Таа ја вклучувала песната „Абу Зелуф“ од извесна „Дуња Јунис“. Фасциниран, Ино ја зел со себе плочата во Њујорк, и таа станала темел на „Мојот живот во шумата со духови“, албум кој тој и Брн го издадоа во 1981, под етикетата на Ино, ЕГ Рекордс.

Хипнотичен колаж направен пред семплерите да бидат во широка употреба, албумот инспирираше многумина, од Паблик енеми до Кејт Буш и Моби. На него немаше водечки вокали, туку низ густи парчиња на „денс“ музика беа нанесени звуци на американски свештеници, интервјуа со политичари, и евокативни арапски изведби од спомнатиот аблум. Песната „Абу Зелуф“ е искористена на две траки, а белешките на албумот содржеа егзотичен опис на изведувачката: „Дуња Јусин, либанска пејачка од планинските региони“, што практично било препишано од оригиналниот албум со народни песни. Ено и Брн не биле свесни дека таа била позната пејачка, со изградена кариера. „Претпоставив дека еден ден случајно заталкала во студио, потоа се вратила во родното место и никој веќе не ја видел“, вели Ино. Обајцата сметале дека е мртва, а таа пак никогаш не слушнала дека нејзиниот глас се појавува на нивниот албум.

Но 41 година подоцна, Јунис е жива и здрава. Неодамна преку групен видео повик со нејзината ќерка Рајана Асаф како преведувачка, таа се сретнала со Ино во Норфолк и Брн во Денвер. Искуството според Ино било „прилично надреално“. 

Aсаф, која има докторат по меѓународно право, ја истражувала кариерата на мајка си и нејзината архива. Кариерата на Јунис завршила во 1972 по сесија организирала од познатиот свирач на уд Мунир Башир, всушност аудиција за нејзин настап на фестивал во Европа. Била избрана, но никогаш не заминала - се заљубила во воен офицер и наместо кариера одбрала да формира семејство. 

Сепак, нејзините песни си го нашле патот, на јпрвин на компилацијата „Музика од исламскиот свет“ а потоа на албумот на Ино и Брн. Двајцата биле многу внимателни да ги испочитуваат авторските права на сите семплови кои ги користеле, и покрај тоа што во тоа време хип-хопот почнувал да ја менува парадигмата во смисла на „сонично ограбување“ а други бели музичари, како Малком Мекларен, претставувале песни од африканскиот континент како сопствени.

И покрај внимателноста, некои парчиња морале да бидат отстранети. на Брн и Ино им било забрането да користат глас на евангелист кој изведувал егзорцизам, поради што албумот доцнел. Откако тој излегол, била отстранета песната „Куран“, по жалба за богохулие од Исламскиот совет на Британија.

Ино вели дека ги покриле правата за песната „Абу Зелуф“ со издавачката куќа и сметале дека сè е во ред. За ова и платиле, 100 фунти, на што самите инсистирале. Сметале дека самиот издавач ќе ја информира Дуња. Но тоа не се случило, а прашање е дали им биле исплатени проценти и на другите изведувачи. 

Сето ова се дознало во 2017 кога писателот Бернард Батруни започнал потрага по Јунис преку заеднички семејни пријатели. Кога ѝ го пуштил албумот, таа била шокирана. Една година подоцна претставник на семејството ги контактирал Ино и Брн, и музичарите веднаш напишале писмо со извинување. Ги симнале двете песни од стриминг платформите кадешто биле поставени, што самото по себе било комплицирано бидејќи албумот низ годините бил издаден преку дури шест издавачи. На крај вонсудски се спогодиле, го навеле придонесот на Дуња, и сите песни се повторно вратени онлајн. Таа е задоволна од уметничката димензија на албумот, и од фактот дека нејзиниот глас продолжува да ја шири либанската култура. 

Дури и пред 41 година, критичарот на „Ролинг Стоун“, Џон Парелес, забележал дека „Шума на духови“ „поттикнува значајни прашања за контекстот, манипулацијата и културниот империјализам“, такви кои денес добиваат уште поголем интензитет. Ино е зачуден од ваквите асоцијации бидејќи смета дека културата секогаш е поврзана со апсорбирање идеи од други места, секако со почит и признание дека нешто е земено од друга култура или од друг уметник. „Ако се инсистира на пуризам во врска со културниот империјализам тогаш единствениот мој извор би требало да биде англиска народна музика од 11 век“.  За среќа, барем засега, тоа не е така.

извор

15 август 2022 - 09:48