Кулата во Уранополи била изградена во 13 век, во посед на манастирот Ватопеди на Света Гора. Но во денешното музејче сместено во неа е забележана и приказната за Џојс Мери НанКивел и нејзиниот сопруг Синди Лох, австралиски писатели и активисти. Како се нашле тука, и каква врска има Уранополи со оваа приказна?
Џојс се родила во 1887 на плантажа за производство на шеќер во северна Австралија, во богато семејство. Но во моментот на укинувањето на робовскиот труд на тн. „Канаци“ - мешавина на работници од пацифичките острови „ангажирани“ од британските колонии, плантажата почнала да пропаѓа. Џојс и нејзините родители ја напуштиле без скршен денар. Така таа морала да се откаже од амбицијата да стане докторка и му помагала на татка си до 26-годишна возраст. Сепак се стекнала со добро образование, особено затоа што многу читала и се самообразувала. Подоцна заминала за Мелбурн каде работела како професор по класични јазици на тамошниот универзитет, и пишувала рецензии за книги за весникот Мелбурн Хералд.
Тoкму така, пишувајќи осврт за неговата фикционализирана автобиографија, таа го сретнала својот сопруг, ветеран од битката на Галиполе од Првата светска војна. Книгата била цензурирана од воените сили, кои се плашеле дека преку неа би се дознала вистината за колежот кој се случувал таму, што пак би ги намалило шансите млади луѓе доброволно да се пријавуваат за понатамошна борба против Отоманската империја.
Сакајќи да придонесат за намалување на штетите од војните, каде и да се, тие најпрвин заминале за Полска како дел од хуманитарна организација за да напишат книга за штетите предизвикани во текот на тн. „Ленинова војна“ (навлегување на Црвената армија во Полска 1919-1921), за што добиле орден од претседателот на Полска.
Во 1922 заминуваат за Грција, како хуманитарни работници, по палењето на Смирна (денешен Измир), во текот на последните фази на Грчко-турската војна. Џојс и Сидни работеле во бегалски камп во околината на Солун цели две години, пред да им биде понудена византиска кула до морето во нешто што тогаш било бегалско село Уранополи. Бегалците биле Грци од Мала Азија (тн. Микразијатес, или Анадолски Грци) кои грчките власти ги распоредиле по полуостровот поради добрите услови за развој на земјоделието и нивна интеграција како работна сила во рибарството. Тие со себе донеле традиции кои набргу ќе се вградат во пошироката грчка култура. И денес во и околу Уранополи постојат здруженија и кафани именувани по селата од кадешто дошле (на пример Афтони).
За да им помогне на селаните, Лох купила разбои за жените да можат да изработуваат килими за кои дизајнирала шеми. Истовремено, со сопругот обезбедувале медицинска и секаква друга помош. За нивната работа во Грција добиле ордени од грчкиот крал.
Сидни Лох починал во 1955. Но Џојс останала уште долго да живее во домот во Уранополи, каде починала на 8 октомври 1982, на возраст од 95 години.