Арсениј Аврамов: заборавениот советски гениј на модерната музика

На денешен ден, пред сто години, едно исклучително дело извршило музичка револуција. Тогаш, зошто неговиот композитор-визионер бил заборавен со децении?

Пред еден век, на 7 ноември 1922, 36-годишниот руски композитор Арсениј Аврамов се искачил на специјално изградена кула во Баку, Азербејџан, тогаш дел од СССР. Кратко време го посматрал урбаниот пејзаж пред себе, па високо кренал две црвени знамиња и почнал да мавта со нив. Она што следело бил исклучителен музички настан, кој до неодамна бил целосно заборавен.

Станувало збор за „Симфонија на сирените“, музичко дело напишано за петгодишнината од Октомвриската револуција, кое како инструменти користело, топови, локомотиви, артилерија, хидро-авиони, фабрички сирени, камбани, лимени оркестри и огромен хор. Накратко - Аврамов не диригирал со оркестар, туку со еден цел град. 

Црвеното знаме било сигнал за испалување на првата топовска салва, по што следеле сирените од фабриките. После петото, оддекнале бродските сирени, а по 15-тото оние на флотата, додека воениот оркестар почнал да свири и да маршира кон пристаништето. Помеѓу сета таа врева дополнета со пукотници од оружје, се пробивале мелодиите на „магистралот“ - инструмент измислен од Аврамов точно за оваа изведба, кој се состоел од 50 парни свирки монтирани на цевка, кои можеле да се управуваат независно една од друга, како клавиши од пијано.

Кога полетале хидро-авионите тоа било знак за хорот составен од илјадници грла да извика „Урааа!“. Некаде кон средината на делото почнала да се препознава химната на Интернационалата, а подоцна и на Марсељезата. Црковните ѕвона почнале да тропаат додека вревата го постигнувала својот максимум. Потоа - тишина, до финалниот екстатичен акорд изведен од сите можни „инструменти“ заедно, кој се прелеал преку градот. 

Ова на извесен начин бил врв на неверојатната, перипатетичка кариера на Аврамов. Визионер кој сакал да ги спои политиката и музиката така за тие да станат едно, тој бил изумител, футурист, револуционер, композитор и ексцентрик. Но истиот оној систем кој му овозможил да се вивне, подоцна го уништил. Иако бил заборавен по смртта во 1944, неговите идеи сепак влијаеле врз најважните музички трендови од втората половина на 20 век. Многу пред Џон Кејџ да ги редефинира музичките параметри и пред Карлхајнц Штокхаузен да стави гудачки квартет на хелихоптери (види тука), Аврамов направил огромен перформанс базиран на сопствена микротонална теорија, за која сметал дека ќе ги ослободи луѓето од стегите на западната музичка традиција, базирана на октавата.

Подоцна во животот развил техники за „семплување“ и синтетизирање звук, со што практично бил пионер на звучната монтажа. Откако работел на саундтрак-от за првиот советски звучен филм - „План за големи работи“ на Абрам Рум - почнал да експериментира со создавање звуци преку цртање, и заедно со музикологот Андреј Смирнов е заслужен за пронаоѓањето на графичкиот звук. Сето тоа од Аврамов прави еден од визионерите на нешто што денес го нарекуваме електронска музика.

Но „Симфонијата на сирени“ останува негово најнапредно дело. Според него на еден нов свет му била потребна нова музика. Не само нови тонални системи и инструменти, туку нов концепт - што е таа, за кого е, каде се изведува, како се искусува. Неговите нотни записи биле толку едноставни што секој можел да ги разбере. 

Аврамов по оваа симфонија почнал да планира следен проект - инсталирање на моќни електроакустични апарати на цепелини и надлетување со нив на Москва. Но имало два проблема. Прво, Аврамов бил без пари. Второ, револуционерната атмосфера во Русија која поттикнувала уметничка авангарда била на изумирање. Проектот со цепелините никогаш не се остварил, а Аврамов умрел во сиромаштија, заборавен. Дури во 2008 се случила нова изведба на „Симфонијата на сирени“, која сега продолжува да инспирира нова генерација електронски, авангардни и политички мотивирани композитори. Неговата трагедија се состоела во тоа што едноставно бил премногу напред за своето време.

извор 

7 ноември 2022 - 17:48