Школувањето во домашни услови (homeschooling) во САД опфаќа 3.4% од американските ученици (околу 2 милиони). Врховниот суд во 1970-тите донел одлука дека родителите имаат фундаментално право да го насочуваат образованието на своите деца. Во минатото практикувањето на ова право било мотивирано од различни причини, главно религиски, но според анкета спроведена во 2012, на прво место со 91% од случаите е „загриженост во врска со училишната средина“.
Раните промотори на домашното школување биле филозофските архитекти на модерната либералност. Некои, како Џон Лок и Жан-Жак Русо, генерално го отфрлале институционализираното образование и ги охрабрувале родителите да ги образуваат своите деца дома. Други, како Адам Смит и Џон Стујарт Мил, го прифаќале школството ама условно, само доколку државната контрола и државното финансирање бидат ограничени. Нивната критика на јавното образование, спротивно на нашето денешно размислување, не се однесувала на академските или економските маани на училишните системи, туку на моралните и политичките ризици. Токму јавното (државно) школо, а не приватните образовни институции, биле оние кои според нив ја ограничувале можноста учениците да придонесат кон градење на слободно општество.
Аргументот на домашното образование како извор на интелектуална слобода е длабок и сериозен. Но неговата масовна примена е невозможна во една модерна демократија, освен во вонредни околности, кои во моментов се причина зошто 90% од американските деца седат дома добивајќи некаква варијанта на (главно) „колку да се рече“ образование. Според коментатор на The Point ова е истовремено и голем предизвик и голема можност. Сакале или не ние се наоѓаме среде експеримент, кој, со зборовите на Лок, може да ни даде храброст „да го консултираме сопствениот разум кога станува збор за образованието на нашите деца, е не само да се потпираме на стар обичај“.
Дали е ова златна шанса да се испробаме како домашни наставници и да ги поштедиме децата од непотребниот стрес на училишната околина? Или дури и оние кои би можеле да пружат квалитетно образование дома (оние кои имаат време, знаење и пред сè нерви) со тоа би ги оштетиле своите деца, ускратувајќи им ја шансата за социјализација со врсници (макар тоа значело и повремени трауми од истото)?
Раните либерали биле скептични за местото на учлиштето во еден слободен режим. Школите според нив корумпирале и индоктринирале, не само поради тоа што наставниците и директорите можеле да извршат лошо влијание врз учениците, туку затоа што тоа можеле да го сторат ДРУГИТЕ деца.
Децата, имено, знаат да се манипулираат меѓусебно, да создаваат морално неосновани социјални хиерархии, накратко да наметнуваат тиранија во која правилата се случајни, постојано менливи, но наметнувани со неверојатна жестина. Изворот на идеите и вредностите кои се формираат кај детето во една ваква средина оттаму е резултат на „зараза од врсниците“, како што вели Лок. Импулсот да се имитираат другите деца се јавува рано во детството, а човек може да остане под негово влијание и како возрасен.
Во „Емил или за образованието“, Русо опишува како момчето Емил за прв пат се среќава со своите врсници при патување во Париз. Тие се потсмеваат на неговото воспитување „од високото добро утро“, и го поттикнуваат да се приклучи кон нивните вулгарни вкусови. Неговиот тутор објаснува: „Тие сакаат да те спуштат на нивното ниско ниво, те навредуваат за тоа што дозволуваш да бидеш воспитуван, но само за тие да станат оние кои ќе те воспитуваат“. Тоа е основниот проблем на јавното образование, што ги прави децата склони кон приклонување на доминантното мнение, конформизам што може да трае доживотно.
Ова според Лок и Русо не може да се превенира со поголемо внимание од страна на наставниците, со (според денешниот речник) анти-булинг иницијативи или засилен надзор. Невозможно е да се следат меѓуврсничките комуникации и постојано да се интервенира кај голем број деца. Родителите, од друга страна, можат да го индивидуализираат образованието на своето дете согласно неговите потреби, и можат да застанат помеѓу детето и светот, одложувајќи и намалувајќи ги негативните влијанија на она „надвор“ врз нивните животи.
Подоцнежните либерали ја прифатиле неопходноста од училиштата, иако сепак биле загрижени во однос на спомнатата тиранија на мнозинството. Но дали домашното образование не наметнува друг вид „тиранија“, она на родителите и нивните размислувања? Нели е ова уште поголема опасност по слободата на детето?
Лок сметал дека од двете зла, сепак поголемото е она кое може да го нанесе општеството. Родителите би морале да го базираат својот авторитет врз приврзаноста на детето, создавајќи услови во кое тоа ќе соработува и ќе го сака нивното друштво. Доколку семејството е барем делумно независно и од другите видови институционални влијанија (на пример има свое производство на основни животни намирници), тогаш тоа станува засолниште од јавното мислење кое морално ги деформира младите. Откако детето ќе достигне полнолетство, тоа може да одбере како ќе го продолжи своето образование. Но изолирањето на нуклеарното семејство од поширокото општество во ограничен период, кога децата се мали, овозможува простор за развивање на внатрешна култура внатре поголема култура. Разликите помеѓу едното и другото формираат основа за отпор кон пошироката култура од страна на децата, претставуваат извор на самодоверба и „коректив“ на нештата кои се случуваат во надворешниот свет. Семејството така станува алтернатива на мејнстримот, што кај младиот човек раѓа скепса за автоматскиот авторитет на општеството, и отвара можност за индивидуално расудување и проценка.
Но што е со оние родители кои немаат доволно знаење за да бидат наставници на своите деца во текот на основното училиште? Што е со родителите кои можеби се способни за подучување, но се премногу амбициозни и крути? Според Русо „Детето ќе биде подобро воспитано од трудољубив и ограничен татко отколку од најумниот наставник на светот - волјата ќе надомести за талентот, повеќе отколку што талентот може да ја надомести волјата“. Процесот на образување на сопствените деца е истовремено и морално образование за самите родители. Тие ќе се подобруваат преку обиди, развивајќи добар семеен живот и обезбедувајќи основа за идната интелектуална слобода на своите деца. Или барем така би требало да изгледа идеалната варијанта на овој експеримент.
Ако карантинот има некаков корисен и долгорочен ефект врз нашето разбирање на образованието, тоа можеби е потсетувањето да бидеме поскептични дури и и кон најдобрите училишта и она што тие можат да го постигнат за нашите деца. Ако барем малку сме уживале во подучувањето во текот на овој период, да продолжиме со тоа и кога училиштата ќе се отворат, повеќе ценејќи ги и сопствените педагошки способности, а не само автоматски префрлувајќи ја одговорноста на училиштето.