„Лица и гласови“ е краток документарец, соработка помеѓу антропологот Пол Басу и мултимедијалната уметничка група „Светлосни хирурзи“. Основа за него е огромната етнографска архива составена од колонијалниот антрополог Норткот Томас, кој во неа вклучил фотографии и други записи од јужна Нигерија и Сиера Леоне на почетокот на 20 век.
Дел од оригиналните фотографии од оваа збирка во филмот се прикажани во контрапункт со искази на денешни лондончани од африканско потекло, активисти и наставници, кои се обидуваат да ги протолкуваат изразите на лицата на оние на сликите. Еден ист портрет притоа може да поттикне сосема различни „читања“ - додека некој во него гледа реакција на присила, друг детектира здодевност. Се разгатнуваат и некои детали, како на пример лузните на главата и телата на некои од фотографираните, кои според интервјуираните се знак на повисок општествен статус. Најинтересни се толкувањата на самиот лик на истражувачот, како „типичен колонијалист“ но и како некој кој „си ја сфаќа работата сериозно“, и е во основа добар човек.
Овој аудио-визуелен експеримент е добитник на британската Истражувачка филмска награда, а ќе биде дел од поголема изложба која ќе се отвори во Лондон во октомври 2020.
Целиот филм (18 мин) тука