Анти-слем: натпревари во кој победува најлошиот поет

Да си поет, тоа некако подразбира дека треба да се земаш себеси сериозно, само затоа што знаеш да ракуваш со пар стилски фигури и да стискаш ентери. Или барем така би рекле хејтерите, кои на овие натпревари на лоша поезија се повеќе од добредојдени.

Намерното составување „лоша“ поезија си има своја долга историја на експерименти и пародизирање на претходни поетски стилови. Современите анти-слем настапи, пак, се креирани од британската перформанс уметница Пола Варџек, инспирирани од авторефлексивната и сатирична изведба на Џејми ДеВулф, „Најлошата песна на сите времиња“. Одењето контра традиционалните поетски настапи внесува свежина, хумор и нестереотипност во инаку крутите традиционални поетски читања.

Првиот анти-слем се одржал во Берлин во 2009. Од тогаш се шири низ светот, иако ниту еден настан не е ист со друг. Лондонскиот на пример нема ни минимум правила, туку тие се измислуваат од „судијата“ во текот на изведбите, а трофејот кој се доделува е предмет купен во оние продавници каде се’ е по една фунта.

Во принцип сите изведувачи имаат по две минути време на сцената, а жирито се состои од пет случајно одбрани луѓе од публиката. Разликата со обичните натпревари е дека тука победува поетот со најнизок број бодови, а игра улога и колку публиката викала „уа“ додека тој рецитирал.

извор

19 декември 2019 - 16:59