Во 2013, новинарката специјализирана за храна, Шерил Лу-Лиен Тан, наишла на статија во Бостон Глоуб во која се зборува за куп дигитализирани документи од домот на Ернест Хемингвеј во Куба, кои неодамна биле донирани во Претседателската библиотека и музеј Џон Ф. Кенеди, инаку дом на личните архиви на авторот.
Една реченица посебно ѝ го привлекла вниманието:
„Се занимавал и со пообични нешта, како давање инструкции на вработените во домаќинството, вклучително и како да го подготват неговиот омилен хамбургер: мелено говедско, кромид, лук, индиски сос и капери, така подготвен за рабовите да се крцкави, а центарот црвен и сочен“.
Тан, која е обожавател на ликот и делото на Ернест, а и самата е авторка на книгата „Тигар во кујната: мемоар за храна и семејство“, одлучила да го најде рецептот и да го проба. „Имам правено безброј хамбургери, но овој беше различен, бидејќи не правев каков и да е бургер, туку оној на Хемингвеј. И тој мораше да излезе добро.“
Еве ги состојките, од кои некои тешко дека ќе се најдат кај нас, ама трпат и замена:
500 грама мелено говедско
2 главици лук, сецкани
2 млади кромитчиња, фино сецкани
1 полна мала лажица India Relish (ова е комбинација на сецкани корнишони и зелка во оцет, но ако немате може и само корнишони)
2 големи лажици капери
1 полна мала лажица жалфија
Meшавина на зачини: морска сол, сув кромид, сув лук, целер
Mei Yen прашок (овој зачин веќе не постои, ама може и да го скокнете бидејќи содржи моносодиум глутамат - засилувач на вкус)
1 јајце матено со вилушка
1/3 суво црвено или бело вино
1 лажица зејтин
Оригиналниот рецепт и постапката тука
Вдовицата на Хемингвеј, Мери, го објавила истиот основен рецепт во 1966 во шестиот том на Женската енциклопедија за готвење.
За повеќе детали околу тоа како се хранел Ернест и какви сè продукти пренесувал од Њујорк до домот во Куба, видете во статијата на Тан.