Aнглиската слугинка која се претставувала како егзотична принцеза

Мери Бејкер, попозната како „принцезата Карабу“, убедила еден цел град дека е ексцентрична припадничка на кралско семејство.

Во април 1817, во малото англиско гратче Алмондсбери, некој скромен чевлар си одел по своја работа кога забележал необично облечена жена сама крај патот. Носела црн турбан и црно-црвен шал, и зборувала на неразбирлив странски јазик. Љубезните домаќини ја сместиле во локалниот ан да ја мине ноќта, каде кога видела слика на ѕидот викнала „Ананас!“ и веднаш заспала на подот.

Како во некоја претстава во која одеднаш од нигде никаде се појавува лик кој може да ја продолжи приказната, еден португалски морнар кој го зборувал „јазикот“ на жената случајно минувал низ Бристол во истото време, и наскоро пристигнал во градот. Неговото име било Мануел Еинесо, и немал против да им ги преведува нејзините кажувања на љубопитните граѓани. Според него таа била принцезата Карабу од островот Џавасу во Индискиот океан. Несреќно била грабната од пирати, но успеала да избега со тоа што се фрлила од бродот во Бристолскиот канал, за потоа водите да ја донесат до Алмондсбери. Поласканите жители на местото почнале да ја третираат како благородничка која им дошла на посета.

А таа, мора да се признае, баш се потрудила да влезе во улогата. Користела лак и стрела, носела гонг на грбот и цвеќиња и пердуви во косата. Правела мечувалски демонстрации, користејќи оружје чиј врв бил намачкан со растителен отров. Пред скандализираните погледи на алмондсберчани пливала гола во езерото. Секоја вечер пред да заспие се молела на својот бог, Алах-Талах, качена на врв на дрво. Била интересна за публика составена од лингвисти, сликари, доктори и багабонти.

Целата измама траела со месеци, додека извесен г-дин Нил, газда на хотел во Бристол, не ја препознал принцезата како Мери Бејкер, која во неговиот ресторан често танцувала во црн турбан и зборувала на измислен јазик. Островот Џавасу секако не постоел, туку Бејкер потекнувала од град по име Витериџ, каде работела како слугинка. Весниците ја објавиле приказната, па дури и отвориле поетски конкурс за дела напишани во нејзина чест.

Во јуни истата таа 1871 градот Алмондсбери ја испратил Бејкер преку Атлантикот, во Филаделфија, каде Американците со подеднакво задоволство ја следеле нејзината изведба. Таа се вратила во Англија во 1824 за да ја продолжи својата актерска кариера, но го минала остатокот од животот продавајќи пијавици на локалната болница.

извор

20 јуни 2019 - 19:27