Мојот медицински избор
Мајка ми се бореше со ракот речиси една деценија, и умре на 56 години. Издржа доволно долго да го види првото внуче и да го држи во нејзините раце. Нo другите мои деца никогаш нема да имаат прилика да ја запознаат, и да искусат колку беше мила и благородна.
Често зборуваме за „мајката на мама", и често се наоѓам во ситуација да ја објаснам болеста која ни ја одзема. Ме имаат прашано дали истото може да ми се случи и мене. Секогаш им велев да не се секираат, но вистината е дека сум носител на „дефектен" ген, BRCA 1, кој во голема мерка ги зголемува моите шанси да добијам рак на гради и рак на јајници.
Моите доктори проценија дека имам 87 процентен ризик за рак на дојки, и 50 проценти ризик од рак на јајници, иако ризикот е различен за секоја жена.
Само дел од случаите на рак на дојка се последица на наследена генска мутација. Во просек, оние со дефектен BRCA 1 имаат 65% ризик да го добијат.
Кога сфатив дека ова е мојата реалност, одлучив да бидам проактивна и да го минимизирам ризикот онолку колу што можам. Одлучив да направам превентивна двојна мастектомија. Почнав со градите, со оглед на тоа мојот ризик за рак на гради е повисок од оној за рак на јајници, а и операцијата е посложена.
На 27. април, после три месеци, ги завршив медицинските процедури кои ги вклучуваше мастектомијата. Во тој период успеав ова да не излезе во јавноста, и да продолжам со мојата работа.
Но сега го пишувам ова бидејќи се надевам дека други жени можат да имаат корист од моето искуство. Ракот е збор кој се уште предизвикува страв во срцата на луѓето, и произведува длабоко чувство на беспомошност. Но денес е можно, преку крвен тест, да проверите дали сте високо ризични во однос на рак на гради или јајници, и да преземете акција.
Мојот процес почна на 2. фебруари со процедура позната како „одложување на брадавицата" (nipple delay), која ја отстранува болеста од шуплините на градата позади брадавицата, и повлекува дополнителен крвен проток во оваа област. Ова предизвикува одредена болка, но ги зголемува шансите за спас на брадавицата.
Две недели подоцна минав низ главната операција, со која ми беше отстрането ткивото на градата и беа поставени привремени потполнки. Операцијата траеше осум часа. Се будиш со цевки и перничиња во градите. Изгледа како сцена од научно-фантастичен филм. Но неколку дена по операцијата можеш да се вратиш во нормален живот.
Девет недели подоцна, беше комплетирана последната операција, со реконструција на градите со имплант. Во последниве неколку години процедурата е напредната, и резултатите можат да бидат убави.
Сакав да го напишам ова за да им кажам на другите жени дека одлуката да се направи мастектомија не беше лесна. Но тоа е одлука која сум среќна што ја донесов. Моите шанси за добивање рак на гради опаднаа од 87% на под 5%. Можам да им кажам на децата дека тие не треба да се плашат дека ќе ме загубат заради рак на дојка.
Утешно е што тие не гледаат ништо што е непријатно. Можат да видат мала лузна, и тоа е тоа. Сè друго е само Мама, истата каква што била отсекогаш. И тие знаат дека ги сакам и ќе направам сè да бидам со нив додека можам. Лично, не се чувствувам помалку женствено. Добив на сила со тоа што направив тежок избор, кој на ниту еден начин не ја намалува мојата женственост.
Имам среќа да имам партнер, Бред Пит, кој ми дава толку многу љубов и поддршка. Секој кој има сопруга или девојка која минува низ ова треба да знае дека е многу важен дел од овој период. Бред беше во Pink Lotus Breast Center, каде што бев третирана, секоја минута од операциите. Успевавме да најдеме моменти за да се смееме заедно. Знаевме дека ова е исправна одлука за нашето семејство, и дека тоа ќе нè направи поблиски. Така и се случи.
Сите жени што го читаат ова, се надевам дека знаете дека имате опции. Сакам да ја охрабрам секоја жена, особено ако има семејна историја на рак на гради или јајници, да побара информации или медицински експерти кои ѝ ќе помогнат во овој аспект од животот, за таа да донесе сопствени информирани одлуки.
Знам дека има голем број прекрасни холистички доктори, кои работат на алтернативни начини на лечење, без операции. Мојот сопствен режим наскоро ќе биде објавен на сајтот на Центарот. Се надевам дека ова ќе им помогне на други жени.
Ракот на дојка убива 458,000 луѓе секоја година, според податоците на Светската здравствена организација, главно од земјите со среден или низок приход. Треба да стане приоритет повеќе жени да можат генетски да се тестираат и да добијат превентивен третман, без оглед на нивните приходи и потекло, каде и да живеат. Трошокот за тестирање за BRCA 1 и BRCA 2, кој во САД изнесува повеќе од 3,000 долари, е пречка за голем број жени.
Одбрав да не ја кријам мојата приказна затоа што има голем број жени кои не знаат дека можеби живеат во сенката на ракот. Мојата надеж е дека и тие ќе бидат во состојба да направат генетски тестови, и доколку имаат висок ризик, да знаат дека имаат избор.
Во животот има голем број предизвици. Оние кои не треба да нè плашат се оние со кои можеме да излеземе на крај, и да ги контролираме.