Сè почна кога Вајрд неодамна објави текст во кој се алармираше дека Амазон продава книги кои содржат научно недокажани и потенцијално фатални „третмани“ за аутизам, кои вклучуваат хемиски купки и лекови кои се користат во случај на труење со арсен.
Вчера, 14.03, следеше реакција на продавачот. Прва беше отстранета „Лечење на симптоми познати како аутизам“ од Кери Ривера, која промовира користење супстанца слична на варикина, хлорин диоксид, која помеѓу нејзините поддржувачи е позната како „чудотворна“, иако истата има сериозни нуспојави. Повлечена е и книга посочена во статијата во Вајрд, под наслов „Бори се со аутизмот и победи“. Таа промовира процес наречен „челејшн“, кој користи хемикалии за отстранување на тешките метали од организмот. Тоа не е одобрен метод за аутизам и може исто така да биде опасен - во 2005 петгодишно дете умрело откако поминало низ ваков третман.
Секако, нивните автори се бесни, и велат дека ова е само почеток на цензурата, повикувајќи ги своите обожаватели да почнат да трупат книги додека истите не се забранети и од други продавачи. Амазон потврдил дека овие и уште неколку книги се тргнати, но не и дали е ова дел од поголема „чистка“ на квази-научни наслови. Претходно Гардијан го обвини Амазон и за тоа дека преку својата хуманитарна организација АмазонСмајл им овозможува на купувачите да донираат на организација по нивен избор, при што списокот содржи и антиваксерски здруженија.