![](/files/styles/780px/public/bookbox/2025/02/10/439279-ama-koj-go-slusha-dreven-del-od-mozokot-vi-kazhuva-koga-treba-da-prestanete-da-jadete.jpg?itok=bWkSNyMz)
Научници идентификувале неврони во еволутивно древен дел од мозокот кој контролира кога треба да престанеме со јадење - барем кај глувци.
Се викаат холецистокинини (ССК) и се наоѓаат во мозочното стебло, еден од најстарите делови на мозокот. Тука се интегрираат различни сигнали произведени додека јадеме, кои прават да се чувствуваме сити и да не сакаме (или можеме) да каснеме уште еден залак. Наодите се објавени во нова студија од 5 февруари во стручното списание „Клетка“ (Cell).
Сигналите поврзани со јадењето на кои реагираат овие неврони пренесуваат информации за тоа колку храна е детектирана од рецепторите во устата; колку е полн стомакот; и колку се високи нивоата на различни „хормони што сигнализираат глад“ во крвта. Овие хормони растат и опаѓаат во зависност од внесот на храна и од метаболизмот.
Новото истражување е се уште во рана фаза, со оглед на тоа што е изведено само на глувци. Сепак, колку и да звучи чудно, човечкото мозочно стебло е многу слично со она на овие животинки, па оттаму е веројатно дека истиот контролен механизам постои и во нашите мозоци.
Различни типови клетки во мозокот регулираат различни аспекти на прехранбеното однесување, како глад и ситост. На пример, некои неврони во хипоталамусот детектираат кога нивоата на метаболизам се ниски и стимулираат чувство на глад за да промовираат внес на храна, додека други неврони го регулираат движењето на вилицата кога јадеме. Сепак, до сега не беше познато многу за тоа како мозокот го одредува количеството храна кое го јадеме во реално време за да регулира уште колку можеме да внесеме, а да не се прејадеме.