Алгоговор: „огледалниот“ речник развиен на ТикТок како резултат на неговата цензура

За да го заобиколат алгоритамот на ТикТок, кој бескрупулозно цензурира одредени теми, корисниците имаат креирано алтернативен речник - „наци“ е „јаци“, „убивање“ е „oдживување“, „порн“ е „корн“. Нешто од сето ова се прелева и во таканаречениот реален живот.

Насмеан млад пар на видеото покажува кон титл кој гласи „нашата едноставна пост-сегс рутина“. Сe тушираат, се гушкаат и заспиваат. На следното видео жена со наочари вели: „Уште еднаш во централна Флорида, јации-те протестираат во голем број“. Позади неа, фотографија од мажи во црвени кошули и црни маски, како држат знамиња со свастики. 

ТикТок станува дом на огледален речник, кој е поттикнат од интензивната и бескрупулозна цензура на оваа платформа. Во овој нов список еуфемизми, секс е seggs, а нацистите се yahtezees. Да се биде убиен значи да се биде одживен, порното (porn) е пченка (corn), а силувањето (rape) е грозје (grape). 

Во лингвистиката ова може да се нарече „заменски речник“ иако веќе е во оптек уште едно име - „алгоспик“ или алгоговор, референца на необичниот начин на кој јазикот се развива на алгоритамски раководени платформи. Иако официјалните правила на ТикТок се прилично апстрактни, нивните практики вклучуваат целосно отстранување видеа кои вклучуваат недозволени зборови, или репресирање на нивното рангирање („шедоубенинг“). 

Ова има произведено „микро-фолклор“ - култура на креирање зборови кои би асоцирале на недозволените, табуизирани термини и во таа микро-заедница би функционирале како нивни синоними. За ова е потребна прилично голема креативност, бидејќи истовремено е потребно да се биде и недофатлив за алгоритамот, но и лингвистички јасен. 

Овој начин на пишување/изразување веќе се прелева и вон ТикТок, на другите социјални платформи, но и во училниците и секојдневниот говор. „Мартин Лутер Кинг помладиот се обидел да се одживее два пати пред да наполни 13“, напишал некој на Х во контекст на малку познати факти од црната историја. Ова само покажува дека, иронично, забраните често знаат да бидат продуктивни - кога еден начин на изразување е блокиран, говорниците градат алтернативни патчиња за да стигнат до истата цел. Понекогаш и еуфемизмите се „откриени“ од страна на цензорите, па тие мораат бргу да бидат заменети со нов речник, и тоа со многу поголема фрекфенција отколку кога табуизираните зборови не би биле забранети. 

извор

23 август 2024 - 19:29