Од широката лепеза „проекти“ на Алан Абел, американски измамник, писател и автор на сатирични документарци, се издвојуваат неколку кои ќе влезат во историјата на „кромиди“ кои ги лапнале и медиумите и американската јавност.
Во 1959 се појавил на Тудеј шоу каде изјавил дека формирал Друштво за непристојни голи животни, чија мисија била да ги облече таквите примероци. Нивниот слоган бил: „Гол коњ е навредлив коњ“. Гласноговорник на груpата бил познатиот сценарист (ко-автор на „Дипломец“ со Дастин Хофман), Бак Хенри, кој најсериозно ги објаснувал главните постулати на движењето, кое всушност било сатира на медиумската цензура. И покрај тоа, целата идеја фатила корен, па симпатизерите почнале да испраќаат свои прилози во форма на рачно хеклани делови од животинска „гардероба“ - пратки кои секогаш им биле враќани.
Втора измама била кандидирањето за претседател на САД на извесна Јета Бронстин, фиктивна домаќинка и баба од Бронкс. Слоганите гласеле Vote for Yetta and things will get betta (Гласајте за Јета за среќа сета). Телефонски интервјуа во нејзино име давала сопругата на Абел, Џин, а кога некому му требала фотографија Абел испраќал слика од сопствената мајка. Некои од нејзините/неговите идеи вклучувале вбризгување „серум на вистината“ во чешмичките за вода во Сенатот и национални турнири во бинго.
Политичарите биле лесна мета. Во 1974, среде хаосот со Вотергејт, Абел изјавил дека ги пронашол исчезнатите 18,5 минути од снимките со Никсон. Откако новинарите ја преполниле салата за конференции, Абел, скриен под маска, го пуштил касетофонот и изгледал шокиран од тоа дека лентите биле избришани.
Натерал пријател да се претставува како студент кој сака да си ги продаде бубрезите (двата) за да може да си го плати школувањето. Гостувал во документарна програма тврдејќи дека го има најмалиот пенис на светот. Бил раководител на измислен „ККК симфониски оркестар“ а го поканил главниот на расистичката организација, Дејвид Дјук (кој тогаш се кандидирал за гувернер на Лујзијана) да биде диригент. Во 1993, кога медиумите се занимавале со правото на еутаназија, промовирано од Џек Кеворкијан, Абел рекламирал бродска тура на која оние кои сакаат да си го одземат животот тоа ќе можат да го сторат со фрлање од крузерот на отворено море.
Неговата последна успешна медиумска измама се случила во 2009, кога успешно ги убедил новинарите дека набљудувачите на птици искусуваат сексуално задоволство од своето хоби. Движењето го нарекол Стоп брд порн, а привлекло милиони интернет поддржувачи.
„Кога ќе умрам, мислам дека никој нема да не поверува во тоа“, изјавил откако за да докаже дека Њујорк Тајмс не си ја врши работата како што треба убедил 12 пријатели да сведочат дека е мртов. Велат дека навистина починал во 2018, на 94-годишна возраст.