Koга бил мал Вилем Дефо се затворил во шифоњер на два дена. Никој не го побарал. „Тоа беше големо семејство. Татко ми беше хирург, мајка ми медицинска сестра, и тие секогаш работеа. Имав пет сестри и брат. Ним не им беше гајле што правам".
Ова според него била добра вежба за волјата, и тест дали би можел да издржи затворен во тесен простор како во вселенски брод. Но наместо да стане астронаут како што планирал, тој станал актер, чиј лик многумина го опишуваат како „прекрасно отелотворување на чисто зло". Во моментов во Италија тој и балетскиот играч Михаил Баришњиков работат на театарска верзија на краток, апсурдистички љубовен расказ, „Старата жена" на култниот советски надреалист Данил Хармс, а во режија на Роберт Вилсон, чија премиера се очекува во јуни на меѓународниот фестивал во Манчестер.
Работата со Боб Вилсон ја опишува како совршена за него, затоа што тој не се занимава со маниризам или психологија. „Кога тањирот ти е преполн, не со идеи туку со задачи, тогаш играш на почист начин. Тоа е како животински инстинкт. Тогаш се чувствувам најслободен и моето внимание е фокусирано на дејството и балансирањето на звукот, светлината и музиката." - вели Дефо.
Најмногу сака да работи со силни режисери кои се истовремено и силни личности: „Кога се предавам на нечија туѓа визија тоа ме носи на места каде не би стигнал самиот. Токму затоа сакам да работам со јаки режисери. Има голем број актери кои влегуваат во оваа професија за да бидат кралеви на светот. Јас не го сакам тоа." Во ваквото препуштање и потрага по себе му помага и вежбањето јога.
Пред две години, исто така во Манчестер, Дефо играше како наратор во уште една претстава на Вилсон, „Животот и смртта на Марина Абрамовиќ". Тукушто го заврши снимањето на „Нимфоманка" со фон Трир (со кого работеше и на „Антихрист"), а и оној со режисерот и фотограф Корбејн. Но не е се така високо уметничко во неговата кариера - во 1997 тој беше номиниран за најлош актер во епизодна улога за Speed 2: Cruise Control.
На крајот на интервјуто новинарот на Гардијан ги спомнува гласините дека Дефо има најголем пенис во Холивуд. Тој прво се смее, а потоа додава: „Веќе не работам во Холивуд". Што ќе се согласите, и не е одрекување.