Синхронизацијата на турски серии кај нас покажува колку овој модел е поуспешен во однос на титлувањето - ем овозможува и да готвиш и да слушаш, ем повеќе се внесуваш во психолошките состојби на јунаците кога зборуваат како да ти се први комшии. Тоа дека без синхронизацијата до сега сто пати ќе научевме турски е друга тема, но нејсе. За актерите таа е предизвик, а уште повеќе ако треба да синхронизираш славни актери.
Германската традиција на синхронизирање е долга, и околу целата работа има развиено цела индустрија. Но еден од актерите се издвојува по својата умешност - се вика Дитмар Вундер, и е германскиот глас на Адам Сендлер, Куба Гудинг џуниор и Даниел Крег. Тој се обидува да ги долови не само ликовите и дијалогот, туку и актерскиот стил на секој од нив. Њујорк Тајмс неодамна му посвети цел текст, во кој подетално се анализира феноменот на „гласовите ги позајмија".
„На германското срце му е важно да има добра синхронизација, а студијата се перфекционисти во врска со нив. Понекогаш од синхорнизацијата зависи дали некој филм ќе успее или не", вели Свен Штурм, потпретседател на Парамаунт Германија. Оттаму изборот на актерите е строг, а кога некој навистина ќе се погоди тој (или таа) станува официјален глас за специфичен холивудски актер. Сепак, најголемиот комплимент за нив е кога луѓето едноставно не забележуваат дека филмот е синхронизиран.
Погледнете ги овие исечоци, кои на моменти се урнебесни. Хинт: фацата на Том Круз додека Куба му се дере на германски во сцена од „Џери Мегвајер“.