Актерите што им читаат на пациенти со мозочен удар

Во болници низ Британија, актерската група ИнтерАкт им овозможува дружење и читање од омилените книги на пациентите. Дали е утописки да се замисли нешто вакво кај нас?

Во 2000-тата, театарската режисерка Керолин Смит се грижела за братот кој имал терминална болест и низ тој процес открила дека читањето за него претставувало голем извор на стимулација и барем привремена утеха. 

Инспирирана од ова, таа истата година воспоставила хуманитарна организација која здружува професионални актери кои им читаат поезија и приказни на пациенти кои се опоравуваат од мозочен удар. 

Речиси 25 години подоцна, организацијата ИнтерАкт е проширена низ цела Британија, а минатата година ваква соработка е прв пат воспоставена и во Северна Ирска. 

Во моментот групата брои 127 актери кои работат во 20 болници и 32 клубови за опоравок на пациенти низ земјата. Иако глумците ова го прават од хуманитарни причини, тие сепак добиваат надомест за трошоци од 40 евра за двочасовна сесија.

Болницата составува список на пациенти на кои им треба помош и актерите најпрвин се запознаваат со нив и со нивните желби и вкусови. Тие имаат прирачник со класифицирани приказни и песни по категории (приказни со животни, криминалистички, за храна, спорт и сл.) од кои можат да користат материјал, иако е дозволено и да импровизираат. По сесијата тие треба во дневник да забележат како поминала сесијата и какви биле реакциите на пациентот.

Некои од пациентите на почетокот воопшто не можат да комуницираат, освен можеби со по некое климнување со главата. Има и такви кои се агресивни и не сакаат да соработуваат. Но генерално, актерите им се од голема помош на лекарите и медицинските лица, бидејќи пациентите со радост ја очекуваат следната посета и со текот на времето покажуваат напредок во комуникацијата и генералното здравје. 

извор

23 јули 2024 - 11:14