Дали уметноста и науката се две паралелни човечки активности кои одделно се обидуваат да ги објаснат природните феномени и човечката судбина, или се во спрега која ги надополнува нивните напори? Во случајот со Ајнштајн, неговите откритија се совпаѓаат, и временски и концептуално, со кубизмот и неговите претставници.
Научните откритија на почетокот на 20 век биле многубројни и револуционерни - рентгентските зраци во 1895, електронот во 1897, радиоактивноста во 1898. Сето ова не можело а да не влијае врз сликарството, кое почнало да ги акцентира боите и светлината, како и да користи математички средства за да овозможи не една, туку неколку точки на гледање. Импресионизмот на Моне, пост-импресионизмот на Сезан, поентилизмот на Сера, фовизмот на Анри Русо и Матис, сите тие биле дел од експеримент кој кулминирал со кубизмот на Брак и Пикасо.
Книгата „Ајнштајн и Пикасо: простор, време и убавината која предизвикува пресврт" на Артур И. Милер (2001) ја следи еволуцијата на оваа научно-уметничка врска. Иако изгледа како игра, дефиницијата на просторот на кубистите била директна последица на тогаш актуелни идеи во математиката. 1904 година Морис Принсет, дел од друштвото на Пикасо, почнал да држи неформални предавања за новите егзотични геометрии, користејќи го тогашниот бестселер на Анри Поенкаре, „Наука и хипотеза". Делата на Поенкаре биле многу популарни помеѓу уметниците, бидејќи тој инстистирал на интуитивните аспекти на креативноста. Психолог кој го интервјуирал математичарот во 1897 напишал дека неговата мисла е „спонтана, малку свесна, повеќе како сон отколу рационална, посоодветна за дела на чиста имагинација".
Истата книга и во истото време ја прочитал и Ајнштајн и бил воодушевен од неа. И ова е само една од работите кои го поврзуваат него со Пикасо, со кого додуша никогаш не се сретнале (oсвен фиктивно, во драмата на комичарот Стив Мартин, „Пикасо во Брзиот Зајак“). Има и други - кога ги направиле нивните револуционерни откритија и двајцата имале околу 20 години, биле непознати, сиромашни и генерално неприфатени од средината. И двајцата се појавиле во момент во историјата кога станало јасно дека дотогашните начини на разбирањето на просторот и времето веќе не се адекватни. И двајцата, секој во својата област, барале подлабок, подобар начин да ги претстават овие концепти, така всушност работејќи на истиот проблем.
Во моментов, па до 3 април, во галеријата Тејт во Лондон е поставена изложба на уште еден уметник кој бил повлијаен од истите идеи. Александар Калдер е пионер на тн. „кинетичка скулптура" - по потекло Американец, а по професија машински инженер, тој во 1920-тите дошол во Париз каде се движел во истите уметнички кругови со тогаш авангардните уметници. Неговите динамички инсталации се базираат на движење и се исто така во потрага по „четвртата димензија", само во областа на скулптурата. Кога во 1934 неговото дело „Универзум" било поставено во њујоршкиот МоМА, еден човек стоел цели 40 минути пред неа, онолку колку што било потребно таа да го заокружи циклусот на сопствено движење. Неговото име - Алберт Ајнштајн.
Тука скулптурите на Калдер во движење