Холандските зооархеолози Маике Грот и Мартин ван Хастерен, заедно со археоботаничарката Лаура И. Костра, неодамна објавија статија во научното списание „Антиквити“, која содржи докази за намерна употреба на црна буника (Hyoscyamus niger) во некогашниот римски дел од Холандија.
Станува збор за екстремно отровно растение кое може да се користи во медицината, но и како психоактивна дрога. Веројатно токму последново го поттикнало создавањето на необичен артефакт: коска од овца или коза со издлабена внатрешност и дупче на едната страна со затка, исполнета со стотици семиња од црна буника.
Физиолошките реакции на оваа билка биле добро документирани низ древно-медитеранскиот свет. Плутарх ги опишал ефектите како „несоодветно наречени пијанство“, односно „отуѓување на умот“ (попознато како „од умот се подизгубив“). Плиниј постариот исто така дискутирал за медицинските, халуцинаторните и потенцијално смртоносните ефекти, нотирајќи дека иако може да служи за лекување сенешто, од кашлица до треска, дрогата може да предизвика дезориентираност и лудило.
Некако е логично да се претпостави дека оваа издлабена коска функционирала како некој вид луле за пушење буника. Но гореспомнатите автори не нашле докази за тоа. Сепак, тие не ја негираат можноста коската да била всушност начин семињата да се складираат и да се носат со себе.