Јапонското „аизучи“ е еден од оние тешко преводливи зборови за кои треба малку повеќе објаснување и контекст. Тој означува често вмешување во разговор кое укажува на тоа дека слушателот внимава и/или го разбира соговорникот. Тоа се оние кратки зборови или фрази како „а-ха“, „да, да“ и „сфаќам“, кои обично ги користиме во разговор за тој да се одвива како помеѓу двајца живи луѓе, а не помеѓу човек и ѕид.
Според лингвистите, „аизучи“ оригинално се однесувало на повторливите удари на чекан врз жешко железо на ковачите. Ова може да се сфати метафорично, дека вмешувањето во разговорот делува како алатка за „ковање“ на муабетот и завршување на работата. Од друга страна, можеби тоа - размената на искуства со потпрашања - е начинот како да се дојде (сократовски) до знаење, било да станува збор за занает или за некаква информација.
Вообичаено сме учени дека имаме „две уши а една уста“, односно дека човек повеќе треба да слуша отколку да зборува. Но јапонската логика е поинаква - точно е дека треба да се слуша, но активно. Аизучи се две третини од разговорите на јапонски (три пати повеќе отколку во англиски, на пример), а тие често се преклопуваат со исказите на говорникот. Книгите за деца ги учат дека вметнувањето „хаи“ и слични зборови прави разговорот да тече мазно и хармонично, како масло на запчаник.
Единственото важно нешто при разговор на некој од запад со Јапонец е да не се толкува постојаното „хаи-хаи“ како согласност или потврда. Тоа можеби значи „да“, но не секогаш и „да, во право си“. Тие велат „хаи“ дури и кога воопшто не го разбираат соговорникот. Аизучи исто така често е придружено со климање на главата и други невербални знаци кои можеби се корисни ако соговорникот е здодевен, па така мрдајќи се човек избегнува да задреме.
https://off.net.mk/bookbox/tajniot-zhivot-na-hm