Приказна за адвокат (Фасбендер), кој без многу искуство со мрачните лавиринти на подземјето на границата помеѓу Тексас и Мексико, се нафаќа да работи за нарко босови (Бардем и Пит), кои многу бргу проценуваат дека човеков е малку залутан во нивната екстремно брутална социјална ниша и дека бргу ќе го јаде. Заради само ним разбирливи причини сепак го оставаат во игра, за на крај тој толку да ја зафркне работата што сите по ред, вклучувајќи ја и неговата вереница (Пенелоп Круз) да завршат обезглавени, изрешетани или на друг начин искасапени, освен самиот адвокат чија најголема казна е да преживее за да раскажува.
Вака зипуван, филмот може и да звучи интересно. Но она што и покрај одличната екипа не штима е сценариото, кое често запаѓа во долги филозофски дигресии онаму кадешто не им е местото, и кои звучат како во монтажата по грешка да се преземени од некој друг филм. И кога на крај ќе решите да проверите кој ли по ѓаволите го пишувал текстот, останувате со подзината уста.
Што? Оној Кормак МекКарти??
Писателот, добитник на Пулицер, врз основа на чии книги се снимени оскаровецот No Country for Old Men и Тhe Road, човекот кој сè почесто се спомнува и како кандидат за Нобелова за книжевност, мора да имал лош ден. Или година. Или неколку години. Можеби пак Ридли Скот не му одговара како сорабoтник. Нешто има. Ама во основа добрата идеја за спротивставување на двата стереотипно „валкани" светови - оној на адвокатурата, и оној на криминалот, прикажувајќи го првиот како виртуелен во споредба со вистинската суровост на вториот, едноставно се губи некаде во мексиканската пустина.
Има сепак еден дијалог на крајот од филмот, кој вреди сам по себе, кога нарачателот на убиствата (извесен Хефе) со поетски цитати и низ метафизички муабет му ја објаснува ситуацијата на очајниот адвокат, зазвучувајќи како самиот Бог да му се јавил на мобилен.
„Си чул за поетот Мачадо? Тој би го трампал секој збор, секоја песна, секој стих кој некогаш го напишал за уште еден час со љубената. Но кога се работи за очај, нормалните правила за размена не се применливи, затоа што очајот ја трансцендира вредноста. Човек може да дава цели нации за да ја отстрани тагата од своето срце. Па сепак, не можеш ништо да купиш со очај, затоа што очајот е безвреден.
...Светот во кој си ги направил грешките не е истиот оној во кој треба да ги живееш последиците од нив. Светот се променил, и ти не можеш да го вратиш назад. ТИ си светот којшто си го создал. Истребувањето на сета реалност е концепт кој не може да го постигне ниту една резигнација. А сега, адвокату, морам да одам, затоа што имам и други разговори. Ако имам време, и ќе дремнам малку."
Ова, како и сцената во која Камерон Дијаз води љубов со автомобил, качена на шофершајбна (да, да, добро прочитавте) на очи на вчудоневидениот Бардем, се причините зошто филмов сепак вреди да се види.