Во 2020 излезе „Место за сè: необичната историја на азбучниот редослед“ од Џудит Фландерс. Таа содржи интересна анегдота која се однесува на Олимпијадата во Пекинг од 2008-мата, но која ја забележавме и на овогодинешната летна Олимпијада во Токио.
При отворањето на игрите, први на стадионот традиционално влегуваат грчките спортисти. Но потоа работите почнаа да се комплицираат. Наместо по абецеден редослед, што некако се подразбира за ваква глобално пренесувана манифестација, спортистите почнаа да излегуваат (од наш аспект) хаотично, па на пример после Јамајка во Пекинг следеше Белгија. Ова се должи на фактот што редоследот таму се одредуваше според тоа колку потези-цртки во идеограмот се потребни за пишување на името на одредена земја. Во Јапонија пак спортистите излегуваа согласно начинот на изговарање на името на земјата (на пример Австралија не беше на А, туку на „О“ - Осуторе-риа).
Алфабетот односно абецедата или азбуката отсекогаш се учеле по одреден редослед, но многу подоцна почнале да се користат за нешто друго освен за памтење на буквите. Александриската библиотека, основана околу 300-тата година п.н.е. го користела алфабетот за сортирање на книгите, но само согласно првата буква од името на авторот. Дури во средниот век некому му текнало да го каталогизира Аристофан пред Аристотел. Па дури и тогаш, „институционалната меморија“ за локацијата на книгите повеќе паѓала на библиотекарите кои истовремено биле и монаси, отколку на каталозите. Ова се должело и на релативно малиот број книги. Во 13 век, во катедралната библиотека на Дарам во Велика Британија, која била една од најголемите во земјата, имало само 352 книги.
Постепениот подем на азбучниот редослед зависел од соединувањето на повеќе технологии: печатењето книги (свитоците се ок за континуирано читање, но не баш практични за консултација или за редење на полици), пагинацијата односно обележувањето на редоследот на страниците (која била ретка во старите книги) и експлозијата на нови зборови која се случила со пристигнувањето на книгите на хартија и на печатарската преса.
И покрај демократизацијата на медиумот, голем број интелектуалци се сомневале во корисноста на азбучниот ред за полесно пребарување. Сметале дека тоа е некој вид мамење, да не се меморизираат големи парчиња текст или да не се читаат книгите од почеток до крај. Во 1588 поетот и правник Абрахам Фронс ги критикувал оние кои „повеќе сакаат да си ја намалат маката скратувајќи го читањето со малку А-бе-це, притоа прескокнувајќи ја метолодошката кохерентност на целото право“. Фрагментираните информации расфрлани низ речниците (иако подредени по почетната буква) биле нарекувани „скршени огледала“, без оглед што можеби станувало збор за богати енциклопедии.
Денес ваквиот став како да почнува да добива на актуелност. Кому му требаат телефонски именици од А-Ш, атласи или какви и да е други каталози по азбучен ред кога со едно гуглање може да се одбегне пребарувањето по азбучен редослед? Азбучниот ред кој минал голем број векови како невидлив но значаен начин на воведување ред во хаосот, можеби го почнува својот бавен пат кон ирелевантност.