450 години старо мастило и пурпурна боја направена од полжави - најскапите сликарски производи на светот

Maстилото за калиграфија се продава во цврста форма. Потребни се цели четири години за „зреење“ на една таква плочка од 200 грама, чија цена може да достигне до 2000 долари. За споредба, двојно количество евтино мастило од Индија чини 9 долари. Но понекогаш има зошто она што е скапо е такво.

Јашуро Хирака изработува специјални ножици за обликување бонсаи, а една од поскапите чини 32.000 долари. Неговата земја, Јапонија, е дом на поголем број од најскапите уметнички алатки и производи. Долното видео кое трае цели 80 минути започнува во перфектурата Нара, eден од најстарите региони во оваа земја, кој се смета за нејзина „колевка на цивилизацијата“. Тука се произведува посебно мастило за калиграфија, чиј „рецепт“ е стар речиси половина милениум.

Се вика „суми“ и се прави со комбинација на саѓи, животинско лепило (белка од жолчка, кожа од риба) и природни ароми. Мајсторот го меси со нозе и го моделира во калапи кои потоа со години се сушат. Доколку не е добро измесено или доколку има грешка во рецептот, стапчето може лесно да пукне. 

Но дури и едно вакво мастило би било бескорисно без специјални четки. Најскапите од нив во светот ги произведува Јошиуки Хата, повторно Јапонец, кој поседува работилница посветена на „бескомпромисно занаетчиство“. Еден од неговите топ модели, целосно направено рачно од избрано козјо влакно, може да чини 27.000 долари. Истоветно ретки и скапи се и четки од фирмата Колински, серија 7, наменети за акварел, направени од влакна од опаш на сибирски ласици, а чиј процес на производство останал ист откако најпрвин биле изработени за кралицата Викторија во 1866.

На списокот освен алатки се и самите бои. Една од нив е пурпурната (Tyrian purple) од Тунис, која се произведува на традиционален, односно на древен начин - со екстрахирање на жлезди од полжави. Но тоа не е единствената боја на списокот најскапи. Tука спаѓа и „сон маи“, виетнамскиот лак кој се прави од отровна смола од дрво, за кој се потребни повеќе слоеви за да се добие вистинскиот ефект. Во 2020 слика направена со ваков лак е продадена на аукција за 972.000 долари.

Погледнете го филмот кој има утешен ефект - дека некој, некаде, уште го цени квалитетот.

извор

12 февруари 2024 - 17:56