Шекспир 400 во Чикаго е целогодишен фестивал кој се состои од дури 850 настани на повеќе од 120 локации, чија намера е да допре до повеќе од половина милион луѓе. Градоначалникот на Чикаго, Рам Емануел, вели дека ова е начин да се засили улогата на градот како глобална дестинација на културниот туризам.
Еден од најинтересните настани е „Кулинарски собрани дела", во кој 38 познати градски шефови ќе сервираат јадења базирани на гастрономските референци во Шекспировите драми. Не се работи само за рецепти кои се директно спомнати во делата, туку и за креативно толкување на приказните низ подготовка на храна, која треба да асоцира на сета таа страст, љубомора, хумор и трагичност кои тие ги содржат.
Втор американски центар за прослава на јубилејот е Њу Орлеанс, односно тамошниот универзитет Тулан. На 9 мај таму ќе се одржи симулација на џез погреб за Бардот, а во уметничката галерија Њукомб ќе биде поставена националната патувачка изложба во чии рамки се и скапоцените први собрани дела на Шекспировите драми. Таканаречното „прво фолио" е издадено во 1623, седум години по смртта на авторот, а драмите во него ги собрале двајца од Шекспировите актери, за да ги сочуваат за иднитте генерации. Содржи 36 драми, меѓу кои Магбет, Јулие Цезар и Хамлет. Во светот се останати само 233 примерока, од кои секој поединечно вреди над 6,5 милиони долари.
Од музичките настани поврзани со јубилејот го издвојуваме албумот „9 шекспирови сонети" на Руфус Ванрајт, нам најпознат по преработките на Леонард Коен. Тој во 2009 за потребите на претстава режирана од славниот Роберт Вилсон направил музика, која сега ја издава Дојче грамофон. Албумот симболично ќе излезе на 22 април. Еве го сонетот 29 од него - „Кога сум во немилост кај судбината и во очите на светот.."
Шекспир е дел од американската култура откако 17-вековните англиски колонисти ги довеле со себе неговите дела, кои биле поставувани стотици пати, најпрвин на источниот а потоа и на западниот брег. Ваквата негова популарност опаднала во текот на 20 век кога со познавањето на Шекспир се фалела елитата, додека популарната култура почнала да се свртува кон други форми. Сепак, и по 400 години од неговата смрт, ниту еден драмски автор не доживува толку американски продукции колку Шекспир.