Истражување на семејната историја на италијанскиот ренесансен уметник Леонардо Да Винчи тврди дека се пронајдени 14 негови живи роднини, со тоа што најмладиот е на возраст од една година.
Наодите се дел од проект кој трае со децении, раководен од историчарите на уметност Алесандро Вецози и Агнесе Сабато. Негова цел е реконструирање на генеалошкиот профил на Да Винчи - кој никогаш не се оженил и немал деца, но имал барем 22 полубраќа - за подобро да се разбере неговиот гениј.
Најновата студија, објавена во списанието Human Evolution, ја документира континуираната машка линија во тек на 690 години, почнувајќи од дедото на Леонардо, Микеле, кој бил роден во 1331, низ 21 генерација вклучувајќи пет семејни ограноци, до 14-те потомци кои се живи денес.
Сликарот, научник, инженер и архитект бил роден како вонбрачен син на нотар во тосканскиот град Винчи во 1452 и умрел во Амбоаз, Франција во 1519.
Истражувачите го следеле Y-хромозомот, кој татковците го пренесуваат на своите синови, и кој останал речиси непроменет во тек на 25 генерации. Во 2016 тие исто така идентификувале 35 живи родини на Леонардо, вклучително голем број од женската линија, но тие биле главно индиректни потомци. Меѓу нив најпознат е сега починатиот филмски режисер Франко Зефирели.
Возраста на живите роднини е од една до 85 години, тие не живеат токму во Винчи туку во соседните општини до брегот на Тоскана и имаат „обични“ професии, како службеник или занаетчија.
Во текот на проектот истражувачите собрале податоци од историски документи во јавни и приватни архиви и од директни сведоштва на потомците. Првичниот гроб на Леонардо бил во Замокот д’Амбоаз во долината на Лоара во Франција, но тој бил уништен во текот на Француската револуција. Коските биле преместени во помалата капела на замокот, но постои само претпоставка дека тоа се навистина остатоците на Леонардо.