Прв студентски етнолошки филмски фестивал

18 филмови на ЕТНОФФ

Утре (сабота) во Кинотека и следниот ден на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ ќе се одржи меѓународен филмски фестивал со богата програма. Важно: влезот е бесплатен.

Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) оваа година слави скромни но значајни 10 години од моментот кога стана независна катедра на УКИМ. По тој повод, а и затоа што така треба, студентите ги земаа работите во свои раце, и организираа прв филмски фестивал посветен на документарци кои се снимени од нив и од нивни колеги од различни земји во светот.

Утре од 10 часот наутро во Кинотека ќе бидат прикажани дури 18 кратки филмови, од кои 11 од странство (САД, Холандија, В. Британија, Чешка, Германија, Косово, Србија..), а 7 од студенти на ИЕА и на ФДУ.

Следниот ден (недела) во просториите на ИЕА ќе се одржи округла маса во врска со предизвикот на новите технологии за снимање етнолошки и други документарни филмови, со присуство на дел од авторите.

Целиот настан е организиран со само 20,000 денари факултетски средства, и со голем ентузијазам на екипата која го подготвуваше.

Иако и без дополнителни тизери веќе сметаме на вашето доаѓање, еве уште. Трејлер за еден од филмовите за тоа каде и како се произведуваат канализациските шахти поставени на улиците на Њујорк. Не, не е Кина.

Целата програма на Фестивалот тука

6 ноември 2015 - 10:57