Денес, 26.10 од печат излегува нова книга на Памела Пол, долгогодишна уредничка на книжевната рубрика на Њујорк Тајмс (за чијшто јубилеј, 125 години постоење, пишувавме тука) под наслов „100 нешта кои ги загубивме поради интернет“. Таа е посветена на оние сакани артефакти, но и вградени навики и длабоко всадени идеи кои ги имавме во пред-интернетското доба. За некои од нив можеби сме благодарни што веќе ги нема („двојници“ на фиксен телефон?), но други навистина ни недостасуваат. На пример - она што денес би го нарекле „неуспешни“ фотографии.
Историјата на фотографиите, и тоа не така дамнешната, е исполнета со она такви „лоши“ или „неквалитетни“ снимки. Всушност, јасна, доволно осветлена и по сите тертипи пропорционална слика речиси и да не постоеше. Албумите беа полни со „штраканици“ на кои луѓето се со зацвренети очи и во не многу ласкави пози. Ретко кој знаеше мануелно да нагодува параметри или да активира блиц. За „успешна“ се сметаше фотографија на којашто воопшто нешто се гледа. Сè над тоа беше бонус.
Па сепак, во фотографирањето имаше обредност која сега може да се постигне само со намерно користење на аналогни апарати. Ќе го исликаш филмот и под претпоставка дека добро си го поставил и исто толку внимателно си го извадил од апаратот, ќе чекаш уште барем една недела додека не видиш што излегло. Какво разочарување кога во фото студиото ќе ти подадат ќесичка со развиен филм, но не и слики, затоа што тој бил целосно осветлен.
Сопственикот на апаратот ретко беше на сликите од едноставна причина што некој мораше да биде „жртвата“ - отсутниот на групните фотографии кој е секогаш зад објективот. Од тој аспект, беше невозможно да се предвиди доминацијата на „селфињата“. Кој би претпоставил колку луѓето сакаат да се сликаат себеси, и тоа не само адолесцентите во потрага по перфектната поза, туку и возрасни за кои доказот дека биле некаде и виделе нешто е фотографија од нив и, на пример, Ајфеловата кула. Дека по музеите ќе има посебни ќошиња со сценографии за посетителите да позираат во инсталации подготвени за на Инстаграм. Дека луксузните хотели и ресторани би го дизајнирале светлото (во тоалетите) за да се засили потенцијалот за добро селфи. Да, во тоалетите.
Среќните „кликачи“ денес пропуштаат нешто кое го имаше во тие времиња. И очигледно некои од нив се свесни за тоа, затоа што се јавуваат апликации како Dispo camera app, која ги тера корисниците да чекаат до 9 наутро следниот ден пред фотографиите да се „развијат“ и да можат да ги видат резултатите. Диспо себеси се рекламира под мотото „живеј во моментот“ - без едитирање, без хаштази, без тагови. Согласно филозофијата на старите фотографии, оние со зацрвенетите очи и искривените кадри, кои денес се единствен спомен на некои скапоцени моменти.