Среќна Нова од Табановце

Волонтирам - значи глупа сум?

Ме исповреѓаа зошто сум волонтерка со бегалциве, ме исплукаа што таму поминав Нова година, а заборавија дека не е срамота да помагаш во услови кога во мирнодопска Македонија и самиот стануваш бегалец и емигрант некаде далеку од дома, затскривајќи се зад бугарски пасош, дебело платен да се пишеш "Ас сам Блгарин".

Над стотина зли коментари ме пречекаа утрото на 1 јануари, откако на личниот профил на Фејсбук си објавив фотографија од Табановце, каде заминав да волонтирам за дочек на Новата година.

Така накратко би ја започнала мојата сторија од која ми се гади во уште непочната 2016, подеднакво како што ми се гади од македонската хипокризија која оди од лажно тапшање по рамо затоа што помагам, до онаа кога народот те навредува и фрла анатема на тебе само затоа што си живееш свој живот, без да бараш дозвола или амин од некој си лик, тоталка небитен у животот ти.

Дека сакам да бидам таму и на дочек на Новата година, си пишав и во моето последно писание кога и јавно кажав кај ќе бидам, што за неколку луѓе од мојата блиска околина тоа беше демек прчење пред светот дека ќе бидам храбра волонтерка која сака да се истакне пред другите, додека за останатите од фамилијата волонтери, нормална работа како и секој друг ден со бегалците.

Не обрнувајќи внимание на злите јазици, заминавме со уште еден волонтер на граница, во ранец ставивме нешто грицки мицки и еден шампањ колку да не сме без ич, и дојде во осум навечер воз полн премрзнати бегалци.

Ги пречекавме дечињата и мајките, им дадовме топла супа, облека и јадење, го набупавме огнот насред преминот, и така еден час чекавме, еден по еден, бегалците да кинисаат на патот за Србија.

А надвор минус 9, па минус 13...

Студот си бричи на таа ветрометина табановска, некои бегалски семејства останаа да преноќат во полустудените шатори, и така, тик - так тик - так, во лаф - муабет со останатите волонтери и професионално ангажираните луѓе, пристигна и Новата година. Без петарди,без огномети, и со по некој срдечен поздрав меѓу нас хуманите за Среќна Нова година.

Бидна близу еден и нешто, дојдоа две нови волонтерки и ние заминавме дома да се стоплиме.

Е како бе така да се биде на Нова година со овие од ИСИС, ме начекаа на нож коментарите од македонскиве душебрижници рано наутро. Како ма идеш таму со тие муслиманишта кога цел свет се весели, а не помагаш на нашата сиромаштија туку одиш таму каде што не припаѓаш, грмеа на месинџер и во вајбер пораки "добрите Самарјани".

Ете така.

Во Македонија е недолично да се биде волонтер. Не личи да се помага. Зошто да се помага? Кому да се помага? На бегалциве? На државата? На нас самите? Да си хуман е срамота. Тогаш не си чист Македонец. Македонка. Половина година да окапеш на премин со бегалциве, да спасуваш души гладни и измрзнати, тоа е срам. Тоа е понижување на нацијата. На македонштината.

Сè е тоа срамно, а не е срамно сам да си платиш бензинот за да отидеш да волонтираш, сам да си платиш 25 евра за скапани возови на Македонски Железници за да возиш народ како стока на колење. Не е срамно да дадеш државјанство на апаш од Индија, а ваму на половина милион бегалци да издадеш само 86 барања за азил, секој ден коментирајќи ни еден да не ни се сврти овде за да не основаат ИСИС држава?

Споредби триста ќе набројам, но, без колебање, со порака до душебрижниците да продолжат да коментираат, јас повторно ќе нагласам дека ќе останам доследна на хуманоста која ми тече низ вени, затоа што освен што помагам, јас и одмагам некому на начин што јавно плукам по сè што не чини во општеството, за што имам и храброст, и доблест, бидејќи не гмиждам по партиски ходници чекајќи некој да ми даде работа која не ја заслужувам за да ќутам како пизда. 

Толку имам да кажам. А и да додадам за потсетување... Хуман човек се раѓа. Хуман човек не се станува.

Нејсе.

Додека денес размислувам дали и како да си ја опишам волонтерската работа, на МТВ оди документарка за Никола Бадев и песната "908 -та година"... па така ми текна и си викам: Ех мори Сандра будало една, наместо да си гледаш на приватниве од оние турски серии,  и да се топиш на турски свекрвини маки големи, ти слушаш како Васка раскажува за песните македонски.

Што Македонка ќе беше ти, онаква ИСИС волонтерка што си ја сакаш државата и сиромаштијата повеќе од сè, ако не си замина од Македонија туку остана лани со акцииве за Ива, да собереш близу 5 илјади евра пари и нов дом на семејството да направиш, воедно носејќи ќебиња и нова постелнина за децата од планина сместени во Интернатот во с. Драгоманце, кумановско?

На свој трошок, нормално.

Сандра