Марио, ти помогнаа ли сине 1600 шерувања?

Болест тешка му ја одземала раката. Му ја одземала и ногата. А јас се одземав барајќи спас за дете кое не го познавам во обид да му најдам работа. Сега и овде, срам ми е да прашам после толку споделувања по мреживе, дали можеби Марио ја зема првата плата чесно заработена. 

Ова што денес ќе ви го раскажам како настан или животна сторија, се случи ова лето, на 8 јули поточно.

Бев у град со една другарка, па заакавме покасно и завршивме во пекарата Силбо, тука на Партизански одреди. Јегерот бараше подлога пред спиење, па најадени, фативме такси и ајт,  секоја по дома.

Таксистот и јас, нормално за балканскиве простори, одма си фативме муабет за тоа, како е надвор пусто, што не се должи на жештините, туку на немање волја меѓу луѓето да му се радуваат на животот, свиени од општа немаштија и фактот што со плативе македонски, не се искача на крај, па ако сакаш биди подобар магионичар и од Коперфилд.

И тука разговорот добива поинаков тек, откако таксистот ми се пожали дека тој е приморан да работи и ноќна смена, бидејќи дома издржува семејство и дете со посебни потреби.

- Синот како мал се разболе од тумор на мозокот. Од здраво и право дете, тој одеденаш заврши на операција, и иако ја победивме тешката болест, синот остана инвалид со едната рака и нога. Но, беше упорен, па си заврши средно училиште, и сега му бараме работа, но, никој не сака да го прими. Никој не сака луѓе инвалиди, госпоѓо, тажно раскажуваше таксистот додека се возевме по скопските вжештени улици.

Тука заврши неговото кажување. 

Во еден момент, кобајаги ми требаат цигари, го замолив таксистот да застане, и од киоскот, купив Милка за малиот херој.

- Еве, господине. Ова е мое подароче до синот. Не го познавам, ама, поздравете го малиот од тетка Сандра.

Заблагодарувајќи ми се, таксистот ми испринта сметка, а јас сама на себе во тој момент си ветив дека ќе мора да направам нешто, детето да добие некоја работа, не за да печали, туку да има верба во животот и покрај инвалидитетот кој дошол сосема незаслужено.

Утредента, напишав статус на Фејсбук, и почнаа луѓето да шеруваат, да лајкуваат, па така за две недели, статусот достигна 1600 шерувања, исто толку лајкови, а апелот до МПЦ преку Отец Пимен, 785 допаѓања.

И, што дека?

Таткото на детето ми пиша на двапати дека му кажале за мојот апел, и дека до гроба ми се заблагодарува за обидот за помош, и тука заврши сета моја надеж дека ќе се најде некоја организација или мало претпријатие кое ќе покаже емпатија кон таквите случаеви во Македонија, откако таткото или неколкуте индивидуалци кои изразија интерес, повеќе не ми пишаа дека Марио е примен некаде на работа.

Овие денови, почнав повторно да мислам на тоа дете. Не знам зошто. Не го познавам момчето, но минувајќи секој ден кон работа покрај школото за деца со пречки во развојот, често си спомнувам и со жив жал гледам на родителите - херои кои наместо сами, мора своите дечиња да ги однесат на час до училница, и тука да чекаат, ѕвончето да означи крај на наставата.

И мислам на тоа дете, и мислам на секоја една животна судбина овде во Македонија, додека ме болат очите од наслови за тоа како дозволил струмичанецот, Мухиќ да биде пратеник, а Клинтонова ќе станала претседател на Америве у инат на оној што се фарба за да изгледа како испрлена кокошка, мрзејќи го во исто време ова парче земја што после дождот денеска, осамна во наслови те имало или немало пак поплави во Стајковци, и фактот што од тие срања, не си посветивме внимание на овдешниот живот кучешки и на болните дечиња, кои дури и со една рака, успеале како Марио на пример, да изготват краткометражен филм наречен "Еден мој ден'', и така да се натпреваруваат за награда преку Гимназијата Алгоритам.

Таквите деца се вишок овде во Македонија. И вишок сме сите ние. И све е одамна отидено у бестрага. А избори идат. На што ли само после 25 години, човек повторно да се надева?

Македонија вечна и скапана.

Сандра Томовска

 

 

8 ноември 2016 - 22:33